Маричиќ: Време е да заврши нашиот осумнаесет годишен маратон за старт на преговорите

Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ денеска имаше свое обраќање во воведниот дел на 19-тиот состанок на Мешовитиот парламентарен комитет – Република Северна Македонија и ЕУ (Парламентарен комитет за стабилизација и асоцијација), посочи дека сега е најважно да се потврдат европските вредности, да се валоризира она што досега сме го сработиле, и земјите членки да го завршат нашиот осумнаесет годишен маратон за старт на преговорите.

- Не како подарок, туку како заслужено достигнување на сите генерации кои го вложија своето време, енергија и напори за да ја доведат земјата до точка за добивање на позитивна препорака. Последните години, ориентирани кон ЕУ, донесовме тешки одлуки за затворање на отворените билатерални прашања, покажавме дека знаеме да соработуваме, дека имаме визија и лидерство, рече Маричиќ на состанокот.

Вицепремиерот Маричиќ пред членовите на Европскиот Парламент кажа дека без разлика на исходот од француското претседателство Владата останува посветена на спроведувањето на реформите и задржување на европскиот курс во земјата, набројувајќи некои од реформите кои веќе се спроведуваат.

На крајот Маричиќ упати апел до Европскиот парламент, во рамките на Конференцијата за иднината на Европа, да ја издигне дебатата за европската перспектива на Западен Балкан и во контекст на реформите кои ќе се случуваат во Унијата.

- Во овој турбулентен период одлуките кои ќе се донесат за иднина на Европа мора да го вклучуваат и регионот како интегрален дел од Унијата. Само обединети ќе можеме ефикасно да одговориме на сите предизвици, и да градиме отпорност кон сите сегашни и идни закани. Клучот на успешна и просперитетна Европа е во обединувањето. Мора да се даде јасен план, и правец на земјите од Западен Балкан. Тоа ќе значи подготовка за она што ќе следува во регионот и во која насока ќе се движи, а Северна Македонија ќе се движи кон полноправно членство во Европската Унија, потенцираше Маричиќ.

Во првата сесија од денешниот состанок, вицепремиерот Маричиќ заедно со амбасадорот Дејвид Гир, шеф на Делегацијата на ЕУ во Северна Македонија, во име на Европската служба за надворешни работи и на Европската комисија и Илхан Ќучук, постојан известител на Европскиот парламент за Република Северна Македонија имаа можност да разменат мислења за меѓусебните односи и можностите за зајакнување на партнерството на Северна Македонија и Европската Унија.

Мешовитиот парламентарен комитет – Република Северна Македонија и Европската унија (ЕУ) е формиран врз основа врз основа на Договорот за стабилизација и асоцијација на Република Македонија, Резолуцијата на Европскиот парламент од 10 март 2004 година, како и со Одлука на Собранието на 7 декември 2004 година.