Пилот проект за откривање на студиските афинитети кај учениците преку пополнување прашалник

Пилот проект во рамки на кој осмоодделенци од неколку училишта во Македонија ќе пополнуваат прашалници за откривање на нивните студиски афинитети ќе биде спроведен со поддршка на министерствата за образование и наука и труд и социјална политика во соработка со Агенцијата за вработување. Прашалниците во училиштата ќе бидат дистрибуирани за десетина дена.

Министерот за образование и наука Панче Кралев денеска на прес-конференција истакна дека со проектот ќе бидат опфатени осмоодделенци од едно одделение во едно основно училиште во седум општини во Македонија.

- Идејата е да се утврди каков ќе биде интересот и резултатите со цел проектот да се спроведе и во другите основни и средни училишта, посочи Кралев.

Министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски рече дека основната цел на реализацијата на овој проект е правилно детектирање на определени афинитети кај учениците што ќе помогне за нивно правилно насочување во животот.

Тој укажа на неодамнешната анализа на пазарот на трудот која ја реализирале со поддршка на МОН, чиј главен носител била Агенцијата за вработување, која се однесувала и на високо стручните образовни институти врз основа на кои е направена анализа за тоа каква е состојбата на високо образовниот кадар, за број и квоти на определени катедри по факултети, а од друга страна и која е потребата на пазарот на трудот.

Директорот на Агенцијата за вработување, Влатко Поповски истакна дека целта е да им се помогне на учениците полесно да ја изберат нивната професија бидејќи, како што рече, во последните 20 години во Македонија има се повеќе кадри кои завршуваат средно училиште и високо образование кои се несоодветни со потребите на пазарот на труд.

- Битно е да ги упатиме младите каде ќе биде најдобро да учат средно училиште и каков тип образование да завршат. Со тоа ќе им помогнеме во иднина полесно да најдат работа, додаде Поповски.