Средба Попоски – Либерман

Министерот за надворешни работи Никола Попоски, кој се наоѓа во официјална посета на Државата Израел, денекса се сретна со неговиот домаќин, вицепремиерот и шеф на изтраелската дипломатија Авигдор Либерман.

Како што соопшти Министерството за надворешни работи, на средбата двајцата министри размениле мислења во контекст на билатералните односи меѓу двете земји, а исто така се осврнале и на регионалните случувања во Југоисточна Европа и на Блискиот Исток.

- Министерот Попоски информираше за евроатлантските интеграциски процеси на Република Македонија, нагласувајќи ја посветеноста на земјата за изнаоѓање решение за надминување на разликата околу името со Грција, што се води под покровителство на Обединетите нации. Од израелска страна беше истакната цврстата поддршка на патот Република Македонија кон остварување полноправно членство во НАТО, како и за отпочнување на што поскорешни преговори за членство на Република Македонија во ЕУ,. се вели бво соопштението од МНР.

Заеднички било договорено да се финализираат активностите околу потпишување на Спогодбата за одбегнување на двојното оданочување и Договорот за поттикнување и заемна заштита на инвестициите. Притоа, било констатирано дека двете земји имаат изградено силно партнерство и во областа на земјоделството, сектор кој е исклучително важен за македонската економија. Во тој контекст, министерот Попоски изразил благодарност за техничката помош, доделена на Македонија преку програмите на израелската агенција МАШАВ и проектите за користење израелска експертиза за подобрување на продуктивноста во прехрамбената индустрија.

Изразен е и интерес за продлабочување на соработката во образованието и културата, преку поголема размена на луѓе и студенти, како и за соработка на полето на истражувањата и развојот, каде што Израел има значително искуство.

Во рамките на посетата, министерот Попоски, во организација на Стопанската комора на Ерусалим, остварил средба и со група израелски бизнисмени, на која се разговарало за поволностите што ги нуди Република Македонија во однос на странските инвестиции и промоција на своите извозни капацитети. На средбата, како што информира МНР, министерот Попоски упатил отворена покана до израелските бизнисмени за посета на Република Македонија и да ја искористат можноста за инвестирање во државата.

На вториот ден од посетата Попоски го посетил и Музејот на Холокаустот „Јад Вашем“, при што положил венец во знак на почит за жртвите од Холокаустот. Тој имал и излагање во реномираниот „Труман - Институт за истражување на мирот“ во Ерусалим, каде ги претставил главните приоритети во надворешната политика на Република Македонија.