Јапонски грант за реконструкција на Заводот во Топанско поле

Министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски денеска им даде благодарници за поддршката на активностите за унапредување на правата на лицата со хендикеп на министерот во Амбасадата на Јапонија во Виена, Такеши Камијама и на координаторот на проектот во невладината организација „Флорозон“ Весна Шушикуловска.

За подобрување на организацијата на животот и работата на корисниците во Заводот за рехабилитација на деца и младинци со посебни потреби во Скопје, Ристовски информира дека е потпишан договор за грант од Вадата на Јапонија и Центарот за еколошка демократија „Флорозон“ наменет за делумна  реконструкција на институцијата. Целта на договорот, според него, е преку реконструкција на дел од просториите на Заводот да се обезбедат соодветни услови за секојдневната нега и хигиена на корисниците подобрувајќи го нивниот квалитет на живот и здравје.

Министерството за труд и социјална политика, додаде тој, директно е инволвирано и презема бројни активности за зачувување и подобрување на квалитетот на живот на лицата со посебни потреби, како за оние кои живеат во сопствените и згрижувачките семејства, така и за тие што живеат во јавните установи за социјална заштита, како што е и Заводот за рехабилитација на деца и младинци со посебни потреби во Скопје, кој врши сместување и згрижување на деца и младинци со интелектуална попреченост.

-  Темелот на кој се креира социјалната политика за лицата со пречки во развојот, првенствено почива на изедначување на правата на овие лица со правата на останатите граѓани и нивно рамноправно вклучување во општествената заедница, со што ќе се придонесе за зачувување на нивниот дигнититет и интегритет, а истовремено ќе се потврди и основната цел на Владата на Република Македонија во полето на социјалната политика, а тоа е подобрување на положбата на сите социјално ранливи групи на граѓани, вклучувајќи ги и лицата со пречки во развојот, истакна министерот.

Јапонската Амбасада од Виена, како што информира Камијама, во март годинава обезбедила 50.000 евра средства за проект поднесен од НВО „Флорозон“ за помош на мали проекти за цивилна безбедност – ГГП, односно за унапредување на животните услови во интернатот на Институтот за рехабилитација на деца и малдинци со посебни потреби во Скопје.

Јапонија, посочи тој, досега има донирано 250 милиони евра во Македонија, дел се поддршка на околу 100  ГГП проекти, во износ од пет милиони евра, средства со кои беа помогнати  училишта, болници и локални заедници во државата.

- Износот на донацијата на еден проект можеби е мал, но нивната цел е да се одговори брзо и ефективно на основните човекови потреби, рече Камијама.

Јапонската Амбасада од Виена донирала средства и за унапредување на капацитетот на противпожарната заштита во Пелагонија, преку зголемување на бројот на хидранти, но и за реновирање на прозорците во ОУ „Владо Кантарџиев“ во Гевгелија.

Весна Шукуловска, координатор на проектот во „Флорозон“  подобрувањето на условите за животот во Заводот во Топанско поле ќе имаат бенефит илјадници деца кои се згрижени во оваа институција.

Апел до приватниот сектор е да се вклучи во проектот и во рамки на своите можности да даде поддршка за децата сопосебни потреби

Заводот за рехабилитација на деца и младинци својата основна дејност ја извршува непрекинато 24 часа, во три смени и за време на празници и викенди. Основната дејност ја извршуваат дефектолози и инструктори, а во работата се вклучени и медицински сестри-негователки. Во него се сместени 54 деца и младинци и тие се распоредени зависно на нивните потреби во одделенијата за едукација и работно оспособување со дневен центар за возрасни лица со пречки во психичкиот развој, Дневен центар за лица со умерени, тешки и комбинирани пречки во интелектуалниот развој, одделение за здравство и интернат и Одделение за утврдување на потребата за помош и нега од друго лице.