УСАИД почнува тригодишен проект во Македонија за адаптација на земјоделството кон климатските промени

Република Македонија е сериозно погодена од климатските промени, а најновите предвидувања ја ставаат во т.н. црвена зона во која посебно негативното влијание ќе се почувствува врз земјоделството.

Со цел да се подигне свеста кај земјоделците за идните предизвици кои ги носат климатските промени, како и да се промовираат земјоделски практики за справување со овие промени, Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД) преку Мрежата за рурален развој започнува во Македонија тригодишен проект за адаптација на земјоделството кон климатските промени.

Проектот за кој ќе бидат одвоени околу еден милион и 300 илјади американски долари ќе се фокусира на овоштарските и градинарските култури во Медитеранската зона во која припаѓаат Вардарскиот регион со делови од Струмичкиот и Гевгелискиот регион затоа што тие се најзасегнати од климатските промени.

Ќе се работи со семејни фарми кои на пазарот ги пласираат најголем дел од своите производи, како и со земјоделци кои делумно заработуваат, а дел од производството го задржуваат за себе. Планирано е да се извршат  и тестирања и мониторинг на техники со цел да се изнајдат оние што најдобро функционираат под дадени услови.

- Македонија е пред сериозен предизвик во справувањето со овие штети кои се предизвикуваат така што покрај имплементацијата на агротехничките мерки што ќе бидат понудени и ќе бидат користени од земјоделците, проектот ќе има за цел да делува и врз јакнењето на свеста кај фармерите за да ги воведат овие мерки. Такви мерки се инкорпорирање на биомаса во почвата за задржување на влагата, начини за кроење на лозите, поставување на УВ мрежи кои ќе го заштитуваат производството од негативните УВ зраци ...., истакна Петар Ѓоргиевски, директор на проектот.

Според министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димовски, приоритет за Владата е креирањето политики и мерки за справување со климатските промени. 

- Соочени со овие предизвици и свесни за фактот дека се потребни големи подготовки со цел успешно справување со очекуваните негативни ефекти од климатските промени, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство презема низа активности во оваа насока. За таа цел подготвивме акциски план со краткорочни и среднорочни мерки на национално ниво и на ниво на агроеколошки зони кои ќе ги вклучуваат сите чинители во земјоделскиот сектор, истакна Димовски.

Директорот на  Канцеларијата на УСАИД во Македонија, Џозеф Лесард смета дека вистинскиот напредок за зачувување на природните ресурси за идните генерации ќе зависи од позитивните дејства на заедниците.

Според студија на Светска банка, во Македонија како резултат на климатските промени ќе се зголеми температурата, а врнежите ќе станат попроменливи што ќе влијае на условите за одгледување на културите и нивните приноси.