Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ на новинарско прашање дали постои разлика помеѓу преговорите на Европската Унија со Северна Македонија и со Албанија, изјави дека и двете земји во исти ден ги одржаа првите Меѓувладини конференции и заеднички го проследија состанокот за отпочнување на скрининг процесот.
Она што ни беше исто така соопштено таму е дека заеднички ќе ја тераме фазата на скринингот, особено објаснувачкиот дел, а понатаму ќе видиме, рече Маричиќ, потсетувајќи дека ние имаме обврска за периодот на скринингот да направиме уставни измени, за продолжување на преговорите и одржување на втората Меѓувладина конференција.
Вицепремиерот истакна дека разликата е јасна и дека до наредната Меѓувладина конференција, односно до можноста да се отвораат Поглавја и Кластери, треба да се внесат во Уставот односно во преамбулата на уставот Бугарите, а секако и Црногорците и Хрватите.
Ние имаме еден услов за да речам за затворање на отварачкиот дел на преговорите, односно за после скринингот. Ние практично со отворањето на преговорите го добиваме скринингот. Тоа претходно не беше можност затоа што немаше одлука за почеток на преговорите. Операционализација за почеток на преговорите е скринингот. Ние преземавме обврска во рамките на преговорите со Бугарија и тоа е дел од францускиот предлог, објасни вицепремиерот Маричиќ.
Маричиќ верува дека временската рамка за скринингот, која е определена со приближни датуми, дава доволно време и простор за аргументација, за размена на идеи, на вистински политички дијалог со сите политички партии, со сите пратеници во Собранието за да создаде атмосфера за разговор и за остварување на потребното 2/3 мнозинство.
Динамиката сè уште не е определена, но мислам дека ќе има доволно време најпрво да се вразуми дебатата. Така што, од нас зависи дали дотогаш ќе успееме или нема да успееме. Доколку ние ги завршиме сите скрининзи и бидат усвоени Извештаите на Советот на ЕУ, бидат определени кластерите за отворање за да одиме во наредна фаза мора да ја исполниме оваа област. Така што, дали ќе ја направиме до ноември 2023 или после тоа зависи од Собранието. Во наш интерес е тоа да се случи што побрзо да го тргнеме како задача и за да немаме веќе други задачи за втората Меѓувладина конференција, посочи вицепремиерот Маричиќ.