Заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, денеска одржа работен состанок со Џим Молитерно, светски експерт за етика и интегритет, кој е ангажиран во рамките на Проектот за граѓанско учество преку УСАИД.
Вицепремиерката Грковска информираше дека јакнење на интегритетот и етиката, како и промена на свеста на носителите на функции, но и на вработените во администрацијата е клучен предуслов во процесот на градење на систем на добро управување.
Таа нагласи дека нејзиниот Кабинет изминатиов период, во соработка со УСАИД и со професорката од Институтот за политички правни и социолошки истражувања при универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје Мирјана Борота Поповска спроведе четири обуки за Кодексот за етичко однесување на членовите на Владата и носителите на јавни функции именувани од страна на Владата, со што опфати над 140 носители на јавни функции именувани во периодот од јануари до април 2022 година.
Истовремено таа информираше дека во изминатиов период околу 120 носители на јавни функции пополниле тестови за интегритет, за кои сега следи процесот на анализа.
Професорот Молитерно, кој учествуваше во создавањето на методологијата и на тестовите за интегритет оцени дека резултатите од тестовите можат да бидат добра основа за креирањето на натамошните политики и планови, но и може да послужат за идно подобрување на тестовите за интегритет.
Вицепремиерката Грковска нагласи дека за неа е важно овој процес да биде одржлив и да не зависи од личност, но истовремено да овозможи промена на свеста со цел да изградиме ефикасно општество кое ќе биде на услуга на граѓаните.
Во тој контекст, професорот Молитерно нагласи дека улогата и на Етичкиот кодекс и на тестовите за интегритет е да придонесат за менување на свеста и на однесувањето во зависност од улогата што секој ја има во општеството.