Груевски: Цврстите докази на МВР се вистината, а не манипулацијата од некои луѓе

Изразувањето протест е демократаско право на сите луѓе, ние тоа го почитуваме и секогаш со сериозност пристапуваме кон анализа на таквите ситуации, истакна премиерот Никола Груевски прашан за коментар за вчерашниот протест против полициската акција „Монструм“.

Сепак, укажа тој, треба да знаеме дека во демократијата во сите држави честопати има ситуации кога организаторите на одредени протести знаеле да изманипулираат со граѓаните кои честопати под емоции, понекогаш и под заблуда дејствувале иако подоцна можеби многу од нив сфатиле дека во моментот биле изманипулирани, но во дадениот момент верувале во тоа што им било презентирано, тоа што им било кажано и дејствувале.

- Како и да е, од она што сум информиран од МВР, можам да потврдам дека Министерството има обезбедено цврсти докази кои ќе ги презентира пред судот за убиството на петте лица кај Смиљковското Езеро и времето ќе покаже дека тие докази се она што е вистината, а не она што мислам, дека некој ги манипулира луѓето. Во секој случај го почитуваме правото на протест и сериозно пристапуваме кон анализирање на такви настани и во дополнителни проверки на нашето работење, изјави Груевски по промоцијата на новата опрема на Клиниката за урологија во Скопје.

Прашан дали има опасност од нарушување на меѓуетничките односи, Груевски рече дека Македонија е мултиетничка држава и како и сите мултиетнички држави секогаш секое дејство кое има некаков карактер поврзан со одреден етникум може да се толкува и вака и така.

-  Овде станува збор за граѓански протест кој имаше одредена етничка димензија која беше очигледна во вчерашниот настан, но не верувам дека ќе влијае значително затоа што наскоро ќе започне судската расправа, ќе се обелоденат доказите и луѓето ќе разберат дека станува збор за сериозни докази и дека не станува збор за етнички работи затоа што убиство е убиство независно кој го направиле и дали бил Македонец, Албанец, Турчин, Ром, Србин, Бошњак или која било друга националност не може да се оправда. Не можеме да кажеме дека ако некој е од одредена етничка припадност тоа треба да го оправдаме. Тоа треба да се осуди, нагласи претседателот на Владата.

Тој забележа дека понекогаш некои од опозициските партии ги злоупотребувале ваквите моменти.

Во оваа прилика имаше една од опозициските партии која на некој начин предизвика со своите соопштенија или изјави негативни реакции во ваков правец, но сите тие партии на некој начин со тек на време ќе губат поени кога работите ќе излезат на површина. Ќе се достават доказите и ќе се обелоденат пред судот и мислам дека потоа нема да им биде пријатно што така дејствувале во даден момент, рече Груевски.

Ваквите манипилации, додаде тој, нема да дозволиме да дејствуваат и да имаат влијание врз судството.

- Тоа како и во многу други случаи мора да покаже цврстина во смисла на опстојување на вистината независно каква е, која е и кој ја презентира таа мора да се почитува. Затоа судијата е судија да оди по правдата, по својата совест и по законот, истакна премиерот Груевски.