Во Едрениково отворено новоизграденото монтажно училиште

Во присуство на вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, министерот за образование и наука Панче Кралев и градоначалникот на Василево Ванчо Стојанов, денеска свечено беше отворено новоизграденото монтажно училиште во Едрениково, општина Василево.

Изградбата на училиштето, кое е подрачно на основното училиште „Гоце Делчев" во Василево, претставува дел од Проектот на Владата на Република Македонија за „Изградба на 20 нови училишта во руралните средини".

Наставата за 16-те ученици од Едрениково досега се реализираше во несоодветен објект.

Министерот Кралев во оваа прилика истакна дека со новата инвестиција изграден е соодветен училиштен објект со корисна површина од 90 метри квадратни, кој на учениците и наставниците ќе им обезбеди квалитетни работни услови.

- Пуштањето на новото училиште за нас е уште една потврда и доказ дека Владата на Република Македонија ги исполнува дадените ветувања. Учениците од Едрениково од утре ќе учат во услови кои доликуваат на новото време и новите барања на образовниот процес. Им го честитам пуштањето на новата зграда и се надевам дека во иднина некој од нив ќе бидат идните професори, инженери и доктори, рече вицепремиерот Ставревски.

Поздравувајќи ги присутните градоначалникот Стојанов ја истакна благдарноста до Владата и Министерствотот за образование, кои одговорија на барањата на жителите и ученииците од Едрениково и заеднички за неполна година до старото и дотраено училиште изградија нова современа зграда.

- Со изградбата на новото училиште во Едрениково во целост ги реши проблемите во делот на образованието. Благодарение на Проектот за изградба и реконструкција на основни и средни училишта, децата од ова село во иднина ќе можат да се образуваат во совремни услови, рече Стојанов.

Од утре наставата за учениците од Едрениково ќе се реализира во новиот објект, во кој се сместени две училници, санитарни јазли и просторија за наставници.

За реализација на проектот „Изградба на 20 нови училишта во руралните средини", Владата издвои 38 милиони денари, од кои повеќе од 2 милиони денари беа искористени за училиштето во Едрениково.

Во изградбата на училиштето, учествуваше и општина Василево со средства во износ од околу 800 илјади денари, кои беа искористени за поставување на темелна плоча, покривање на трошоци за инфраструктурни приклучоци, за хортикултурно уредување на дворот како и за други намени.