Груевски: Високиот дијалог ќе го скрати рокот за пристапните преговори

Високиот дијалог тече добро, даваме се што е во наша моќ да направивме одредени придвижувања во повеќе области, оцени премиерот Никола Груевски одговарајќи на новинарско прашање што превзема Владата.

По денешната посета на ЈЗУ Геронтолошки завод во Скопје, нагласи дека пред месец и половина стартувале добро, а тоа го кажа и Штефан Фуле.

- Во меѓувреме даваме се што е во наша моќ да направивме одредени придвижувања во повеќе од областите за кои што се дискутираше. Патоказот што го подготвивме и на кој работеа голем број тимови содржи околу 150 точки. Ние претходно ги правевме овие работи. Тоа нема да биде новина во нашето работење, бидејќи постојано сме посветени на реформи, но ова ќе значи дополнителна енергија, дополнителна динамика во извршувањето на реформите кои се важни за нашето приближување кон ЕУ, изјави Груевски. 

Тој нагласи дека високиот пристапен дијалог не е замена за преговорите, но оти ќе допринесе кога ќе почнат преговорите тие да траат многу кратко

- Високиот пристапен дијалог не е замена за преговорите, сепак тој доколку вака продолжиме, а ќе продолжиме успешно да го извршуваме посветено и фокусирано да работиме на него ќе допринесе во оној момент кога ќе почнат преговорите тие да траат многу кратко. Главниот дел од работата што треба да се заврши потоа во преговорите кога ќе почнат ќе биде завршена сега, и потоа ќе останат помали работи за покусо време да се отворат и да се затворат 34-те поглавјата, изјави претседателот на Владата.

Груевски информира дека сега почнале со најважните две поглавја, 23 и 24 и оцени дека е добро кога се почнува со најважните и, според него, најтешките поглавја за секоја од земјите кои претходно пристапувале кон ЕУ.

- Македонија и без ова е многу понапред од статусот што го има од страна на ЕУ. Тој статус не го има заради тоа што нема остварено реформи, туку заради тоа што сме блокирани од страна на Грција и затоа велам во делот на реформите Македонија е понапред од статусот што го има, но овие активности ќе ја однесат  уште понапред и значително ќе го скратат времето на преговорите кога ќе дојде време за тоа, подвлече Груевски.

Прашан за втората фаза од пристапниот договор што треба да почне од декември тој рече дека во патоказот има точни датуми и оти ќе се обидат да ги исполнат.

- Може да се случи од 140-те точки точки една или две малку да подзадоцни, но главно веруваме дека најголем дел ќе успееме во тој период да ги завршиме. Тоа се поглавјата 23 и 24  од вкупно 34. Во меѓувреме ќе бараме начин како да се надмине проблемот што ни е наметнат  од Грција и да го решиме третиот, истакна Груевски.

На новинарско прашање за комантар за критиките на Илинка Митрева од СДСМ за немање реформи и застој во интеграциите, премиерот рече дека тие луѓе имале шанса од граѓаните петанесетина години да ја води надворешната политика.

- Тој тим што сега се прикажува како нов во СДСМ, некакво освежување на чело со Илинка Митрева, Тихомир Илиевски и слично, е тимот кој во минатото имаше шанса петанесетина години да ја води надворешната политика. Она што се сеќаваме од нивно време е носењето одлуки за промена на знамето на Република Македонија, името на државата кое ни беше ветено дека ќе трае само два месеци и потоа ќе се врати старото. Тој е тимот кој 15 години не убедуваше дека времето работи за нас и дека мора да опстоиме на двојната формула и прашање е на ден кога со таа стратегија Грција ќе капитулира во овој случај, изјави Груевски.

Истите тие луѓе, додаде тој, што 15 години ни го збореа тоа денеска зборат сосема обратно.

- Како да заборавиле што претходно зборувале. Благодарение на нивното тргање од власта од страна на граѓаните во 2006 година во меѓувреме Македонија се придвижи напред. Ги исполнивме сите услови за влез во НАТО, значи сите задачи што ги имавме добиено за влез во Алијансата. Знаеме блокада ни е само Грција. Се укинаа визите, стапи на сила визната либерализација после две ипол годишно работење од страна на новата Влада. Успеавме да добиеме три последователни позитивни извештаи од ЕУ и добивме три по ред препораки за почеток на преговорите. Се направија и редица други работи од типот пет години по ред сме во петте топ реформатори  на Светската банка... Така што очигледна е разликата на тие луѓе во времето кога имаа шанса од граѓаните да работат и да направат некои дела и од времето после нив останува само да ги слушаме нивните критики заради критики, истакна премиерот Груевски.

Тој посочи дека нив им е битно да излезат да ги видат дека постојат и оти сметаат дека луѓето забораваат и по некое време ќе избледе се она што го направиле повторно ќе почнат да им веруваат.