Заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска денеска оствари работна средба со Анета Арнаудовска, претставничка на Регионалната антикорупциска иницијатива (РАИ) како и со Слободен Чокревски, директор на Институтот за акредитација.
На средбата, на која присуствуваше и професорот Гоце Наумовски од Правниот факултет при УКИМ, стана збор за тековните активности на Регионалната антикорупциска иницијатива (РАИ), вклучувајќи го и Регионалниот патоказ за борба против корупцијата и нелегалните финансии, како и за Меѓународниот договор за размена на податоци за проверка на изјавите за имотна состојба, што беше подготвен во рамките на Регионалната антикорупциска иницијатива (РАИ).
На состанокот беше разговарано и за можноста од имплементација на меѓународниот Стандард за спречување корупција ISO 37001, кој е дизајниран со соодветни механизми за превенција и откривање, како и конкретни мерки за борба против корупцијата.
Вицепремиерката Грковска нагласи дека доброто владеење во секоја институција вклучува демонстрација на одговорност и воспоставување на стандарди со кои ќе се унапреди системот на функционирање и ќе се зголеми квалитетот на работата и услугите.
Соговорниците се согласија дека воведувањето на ИСО стандардите за квалитет и менаџмент, како и за антикорупција значи рационално искористување на времето и ресурсите, унапредување на квалитетот на услугите, зголемена работна способност и продуктивност како и оптимизација на постоечките процеси.
Истовремено, ИСО стандардот против корупција е така дизајниран за да и помогне на институцијата навреме да спречи, открие и реагира на поткуп.