Министерот Кралев ги додели наградите за најдобрите студенти претприемачи

Министерот за образование и наука Панче Кралев, и ректорот на Универзитетот „Св.Климент Охридски“-Битола Златко Жоглев денеска ги доделија наградите на најуспешните студенти кои учествуваа на натпреварот „Од студент до претприемач за еден викенд“.
 
На академската манифестација „Претприемнички викенд“, што се одржа во рамките на владината кампања „Осмели се, направи го првиот чекор“, учествуваа тимови од сите универзитетски единици на Универзитетот во Битола, а за најдобри беа прогласени студентите Зорица Марјановиќ, Еразмона Манговска, Ивана Црнец и Мартин Велиновски со проектот „Хотел за миленици“ од Ветеринарниот факултет во Битола.
 
Овој Универзитет е првиот што на ваков натпревар ги вклучува сите факултети со свои студентски тимови.

- Претприемништвото потекнува од економијата, но основната цел на манифестацијата „Претприемнички викенд“ е да се докаже дека претриемач може да биде секој што има визија, идеја, цел што сака да ја оствари и реализира на пазарот, без разлика на студиската позадина. Претприемништвото може да го реализира секој граѓанин и тоа припаѓа на секоја единка во општеството, истакна министерот Кралев на свеченото затворање во Битола.
 
Ректорот Жоглев посочи дека овој проект е во функција на креативните кадри способни по завршувањето на студиите да отпочнат бизнис.
 
- Порано од студентите се бараше да научат нешто напамет и да добијат високи оцени, но ние се одлучивме да ги менуваме навиките, односно да решаваат проблеми со компетенции. Овој студентски проект се совпадна со владината кампања „Осмели се, направи го првиот чекор“, а тоа значи да се направи или да се развива нешто, што е императив на современите универзитети, истакна Жоглев.
 
Универзитетот „Св.Климент Охридски“-Битола во иднина посебно внимание ќе посвети на истражувачките активности, за што е формиран Универзитетски истражувачки центар кој ќе биде посветен на истражувачката методологија во областа на природно-техничките науки, био-медицинските и општествените и хуманистички науки и ќе се справи со сите лица кои изработуваат плагијати за што е донесена посебна одлука.