Антитерористичка вежба на скопскиот аеродром по повод Денот на полицијата

Припадници на Министерството за внатрешни работи денеска на аеродромот „Александар Велики“ изведоа оперативно - тактичка вежба, во рамки на одбележувањето на Денот на полицијата. Целта на вежбата е менаџирање на кризи предизвикани од терористички акт во цивилната авијација.

Според министерката  за внатрешни работи Гордана Јанкуловска, со вежбата се потврдила подготвеноста на структурите на МВР.

- Се потврди  и  со показната вежба дека  структурите во МВР кои треба да постапат во ваква ситуација  максимално брзо и орагнизирано се подоготвени да реагираат и водат преговори во случај на заложничка драма и да очекуваме  евентуален успешен крај, односно фаќање на грабнувачите и ослободување на заложниците, изјави Јанкуловска.

Денот на полицијата утре ќе биде одбележан со положување венци пред споменикот на загинатите припадници на МВР во кругот на министерството, како и пред споменикот на загинатите бранители спроти зградата на Собранието. Утре ќе биде промовиран и пуштен во функција проектот „Безбеден град“.

Во рамките на одбележувањето на Денот на полицијата во вторник во касарната „Ѓорче Петров” е планирана крводарителска акција во координација со Црвениот крст.

И оваа година, претставници на МВР ќе ги посетат домовите за деца без родители, а Денот на полицијата ќе биде одбележан и во сите сектори.