МВР ја промовираше новата апликација „Пази радар“

Министерството за внатрешни работи во соработка со Министерството за информатичко општество и администрација изработи апликација „Пази радар“ наменета за сите граѓани кои користат т.н. паметни телефони (Android i iPhone).

Апликацијата се состои од неколку функционалности едноставни за користење и им нуди на возачите можност да бидат известени за радарските точки низ државата. На неа ќе бидат прикажани сите радарски точки, а доколку некоја од нив се промени, апликацијата ќе биде обновена и возачите ќе бидат известени за тоа. 

- Нашата примарна цел не е да ги казнуваме граѓаните, туку преку превентивно дејствување да ги предупредуваме и да ја подигнеме свеста за совесно однесување во сообраќајот. На граѓаните им нудиме едно автоматско известување за поставените радари што значи дека тие благовремено ќе бидат предупредени да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи и со тоа не само што ќе ги избегнат евентуалните казни, туку ќе се спречи и можноста за возење со брзина над дозволеното, истакна министерката Гордана Јанкуловска на денешната презентација на апликацијата во Министерството за внатрешни работи.

Министерот за информатичко општество Иво Ивановски појасни дека со помош на ГПС ќе се прикажува моменталната позиција на возачот и сите места на кои би можело да има радарска контрола. Радарските точки ќе бидат означени во три бои и тоа црвена кога возачот се наоѓа на 100 метри од радарот, жолта е на 250 метри од радарот и зелена боја кога е на повеќе од 400 метри од радарската контрола.

Во врска со безбедносните камери што беа пуштени во функција на Денот на полицијата, министерката Јанкуловска појасни дека согласно законот снимките ќе се чуваат во рок од 14 дена, освен во случаи кога одредена фотографија или снимка може да послужи како доказ во одредена постапка.

Потенцира дека камерите нема да се претворат во следење на некои граѓани затоа што, како што рече, тие имаат своја намена и цел и тоа е јасно регулирано со прописите по кои работи МВР, но и со прописите за заштита на личните податоци.

- Ова е нова технологија и за нас која за првпат се користи. Ќе бидеме внимателни во користењето во смисла да не биде казнет некој што не треба, така што можеби во почетокот ќе правиме и повеќекратна проверка на сработеното со цел да немаме ситуација кадешто било кој граѓанин би можел да се јави како оштетен, нагласи Јанкуловска.