Конференција „Како да ги зајакнеме граѓаните во Европа“

По повод 9 Мај - Денот на Европа, Делегацијата на Европската унија во Скопје денеска организираше конференција на тема „Како да ги зајакнеме граѓаните во Европа“. Оваа конференција е дел од четиридневен меѓународен форум што се одржува во Скопје, од 7 до 10 мај и го одбележува крајот на проектот „Јакнење на европските граѓани“, кофинансиран од ЕК во склоп на програмата „Европа за граѓаните“.

Евроамбасадорот Аиво Орав рече дека по повод Денот на Европа денеска се одржуваат многу настани во Скопје и низ Македонија.

- Програмите на ЕУ, вклучувајќи ја и програмата „Европа за граѓаните“, се моќни двигатели за развој на поединците и на институциите. Тие се препознаени како темел за човековиот и институционалниот развој и се еден од најсилните инструменти за се поголемите можности што им се нудат на граѓаните од страна на ЕУ. Програмата дава можности за промовирање на активно европско граѓанство, таа ги става граѓаните во центарот и им дава можности во целост да ја преземат својата обврска и одговорност како европски граѓани, рече Орав и додаде оти е направен добар напредок во однос на учеството на државата во оваа програма.

Под активно европско граѓанство, образложи тој, се подразбира граѓанство кое е активно во размена на размислувања, идеи, дебати, ги рефлектира и промовира основните европски вредности, поттикнува етничка и верска хармонија и меѓукултурно разбирање, цели кон интеграција во општеството, учествува активно во социјалните, културните, економските и политички работи.

- 2013 година ќе биде европскатата година на граѓаните. Колку подобро европските граѓани, мажите и жените, ги разбираат своите права, толку подобро ЕУ може да донесува одлуки и тие може подобро да влијаат на подобрување на нивниот живот. Токму ова е визијата на европската година на граѓанинот, потенцира Орав.

Министерот за образование и наука Панче Кралев истакна дека успехот на Македонија на патот кон ЕУ не се мери само преку преземени обврски и реализирани реформи, туку и преку способноста државата активно да учествува во програмите кои ги нуди ЕУ, како во конкретниов случај програмата „Европа за граѓаните“. Почнувајќи од 2009 година, потсети тој, Македонија го обезбеди правото полноправно да учествува во оваа програма заедно со 27 земји членки на Унијата.

- Програмата „Европа за граѓаните“ е наменета за граѓаните и нивните организации и претставува инструмент за зајакнување на европското граѓанство. Оваа програма служи како инструмент на граѓаните, преку кој тие може да се изразат за своите потреби, размислувања и идеи и да им обезбеди вклученост во политичкиот живот на Унијата, рече Кралев.

Според него, идејата на оваа програма е да се создаде демократска и се поблиска Европа, не само преку елиминирање на физичките граници туку и преку активирање на граѓанството, не само во Унијата, и во рамки на сите земји вклучени во евроинтегративниот процес.

- Од МОН како одговорна институција за оваа програма се преземаат активности за се поголемо нејзино промовирање и за промовирање на можностите кои таа ги нуди, што резултира со зголемен број на поднесени и одобрени апликации за учество во програмата. Токму овој проект е еден показател за успешноста на Македонија во активното учество во реализација на овие програми. Британскиот совет во Македонија, преку овој проект на ЕУ уште еднаш ја докажа безрезервната поддршка за развојот и за зајакнувањето на демокартското општество, но и за севкупниот образовен процес во Македонија, рече Кралев.

Според него, градењето на европскиот идентитет, чувството на сопственост на Унијата, како и развивањето на меѓукултурниот дијалог и толеранцијата се главни насоки во кои треба да се движи и развива младината на оваа држава.

Амбасадорот на Обединетото Кралството и Северна Ирска Криостофер Ивон зборуваше за тоа како тие го негуваат и градат активното граѓанство. Како пример тој наведе дека за Летните олимписките игри во Лондон годинава ќе волонтираат околу 200 илјади луѓе.

- Мислам дека тоа претставува извонреден начин да се учествува и многу добар пример на разноликоста, каде луѓе од разни делови од Велика Британија и од различни делови од општеството ќе учествуваат во организацијата на сето тоа, рече Ивон.

На конференцијата присуствуваа 70 претставници од 11 европски земји - Хрватска, Чешка, Естонија, Финска, Унгарија, Македонија, Полска, Романија, Словачка, Шведска, како и Обединетото Кралство, кои доаѓаат од граѓанскиот сектор и работат на програми за активно граѓанство, општествени прашања и добро управување.