Премиерот Димитар Ковачевски во интервју на 24 Анализа, во однос на антикризните мерки од 350 милиони евра за заштита на животниот стандард рече дека субвенциите наменети за ранливите категории, согласно планираното е да се исплаќаат од ноември.
„Дел од мерките се однесуваат на исплата на еднократна, односно на неколку месечна финансиска поддршка за најранливите категории на граѓани, а тука пред сè мислам на 41.878 лица кои ќе добијат вкупна поддршка од 12.000 денари односно четири месеци по 3.000 денари, потоа поддршката за пензионерите до 11.525 денари и до 14.000 денари. Денес на Влада донесовме одлука да се подготви Закон за финансиска поддршка на ранливите категории на граѓани во време на криза, тој закон ќе го поднесе Министерството за финансии и Министерството за труд и социјална политика и ќе го достават до Собранието“, рече премиерот Ковачевски.
Премиерот Ковачевски порача политичките партии да бидат на висина на задачата и законските решенија да бидат изгласани.
„Намерата е од ноември да почне исплатата на финансиските средства за овие групи на граѓани. Значи имаме 41.000 од првата категорија и над 130.000 од категоријата на пензионери што значи дека се опфаќа навистина поширок опсег на граѓани. Јас се надевам дека политичките партии и сите пратеници ќе бидат на висина на својата задача и веднаш штом ќе бидат во текот на оваа недела доставени законските решенија дека ќе влезат во собраниска процедура и ќе бидат изгласани“, појасни премирот Ковачевски.
Со Владините мерки, 365 основни и 109 средни училиштата ќе се на регулиран пазар за струја, за да може образовниот процес да тече непречено. Болниците и мерните станици за водни пумпи ќе купуваат евтина струја од ЕСМ. Предвидени се повеќе евтини кредитни линии за стопанството за одржување на ликвидноста, обезбедени се средствата за поврат на ДДВ и пред законскиот рок од 30 дена за да има зголемена ликвидност. Предвидени се и субвенции во земјоделството заради обезбедување храна, зголемување на приноси, стимулирање продуктивност како и поголема конкурентност.