Ковачевски: Владината коалиција ја остварува целта, отпочнати се преговори со ЕУ и успешно се справуваме со кризата

„Парламентарните избори ќе бидат 2024 година, на крајот од првиот или почетокот од вториот квартал, фокусот на коалицијата во моментов е исполнување на владината програма“, истакна претседателот на Владата, Димитар Ковачевски во вечерашното интервју за емисијата „360 степени” на Алсат М. Премиерот Ковачевски рече дека не само владејачката коалиција, туку сите општествени чинители сега треба да помогнат во справување со економската и енергетската криза, со носење закони во Собранието, учество во скрининг процесот, уставните измени, само така сите би придонеле за побрзо членство на Северна Македонија во ЕУ.

„Она на што треба да се фокусираме во моментов е остварување на програмата на Владата. Но пред сè сите заедно во општеството, тука не мислам само на владејачката коалиција, која што докажа дека сака да ја види Северна Македонија во ЕУ, туку и сите други кои треба да помогнат, во борбата со оваа енергетска и економска криза со која се соочуваме, преку одблокирање на Собранието и учество во обврските коишто како држава ги имаме во однос на што побрзо зачленување во ЕУ. Тука пред сè мислам на учество во скрининг процесот, на учество во уставните измени кои ни престојат, на учество и понатаму на измена на одредени законски решенија кои нема да бидат едноставни“, рече премиерот Ковачевски.

Осврнувајќи се на функционирањето на владината коалиција, премиерот Ковачевски истакна дека односите во државата и во Владата се насочени кон остварување на визијата за европска Македонија. Премиерот посочи дека начинот на соработка е начин на остварување на заедничката цел.

„Јас можам да кажам само пофални зборови и за министерот за економија, за министерот за финансии и за дурите министри, меѓутоа доминантно овие се тие кои што се и пред јавноста и коишто ги подготвуваат мерките, вклучително заедно со вицепремиерот за економски прашања, со министерката за труд и социјална политика. Односите во една коалиција и во една организација единствено можат да се градат доколку сите се насочени кон остварување на една заедничка цел. Ние имавме остварување на заедничка цел, отпочнување на преговори со ЕУ, тогаш тимот беше министер за надворешни работи од ДУИ и министерот за евроинтеграции од СДСМ. Целта е остварена. Целта сега е справување со енергетската и економската криза, имаме антикризни мерки од 760 милиони евра за најранливите категории на граѓани, за стопанството, за одржување на ликвидноста, за субвенционирање на електричната енергија. Тоа значи дека тие работат кон остварување на целта“, изјави во интервјуто претседателот на Владата, Ковачевски.