Потпишан Протокол за соработка во земјоделскиот сектор меѓу Македонија и Литванија

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димовски и неговиот литвански колега Казимиерас Старкевичиус потпишаа Протокол за соработка како основа за унапредување и проширување на билатералните односи меѓу двете земји во овој сектор.

Согласно националните земјоделски политики и развојни програми на Македонија и Литванија, Протоколот, со времетраење од пет години, ќе придонесе за зголемување на трговската размена на земјоделски и прехранбени производи, особено свеж зеленчук и овошје и нивни преработки од македонска, како и млеко и млечни производи од литванска страна. Ќе се прошири и соработката во евроинтеграциските процеси во земјоделскиот и руралниот сектор, како и рибарството и аквакултурата преку размена на искуства, пренос на знаење и други форми на техничка помош со цел зајакнување на македонските административни и институционални капацитети и искористување на искуството стекнато од литванските колеги.

Ќе се размени и искуство во областа на земјоделската и руралната политика, здравјето на растенијата и фитосанитарната политика, управувањето и преструктуирањето на земјишните парцели,  геодетските и картографските активности, идентификација, размена, контрола на квалитет и ажурирање на системите за идентификација на земјишни парцели.

Еден месец по потпишувањето на Протоколот ќе се формира управен комитет кој ќе биде составен од шест претставници од секоја земја за да се следи и поттикнува спроведувањето на предвидената соработка.

По исткувањето на рокот, Протоколот ќе биде автоматски продолжен.