Конференција на агенциите за вработување од ЈИЕ

Зацврстување на регионалната соработка меѓу службите за вработување од Југоисточна Европа, размена на искуства во областа на политиките на вработување, како и идентификација на заеднички проблеми и начини за нивно надминување е основна цел на дводневата Менаџерска конференција на тема „Премостување на јазот помеѓу световите на образованието и работата“ што се одржува во Скопје.

Во рамките на состанокот, организиран од Центарот на јавните служби за вработување на државите од ЈИЕ со кој во 2012 година претседава Агенцијата за вработување на Република Македонија, денеска се одржува 9. Директорска конференција „Премостување на јазот меѓу системот на образование и потребите на работните места“, а утре 8. Стручна конференција „Поддршка за претприемачите и самовработените лица“.

- Владата на Република Македонија посветува големо внимание на активностите во насока на усогласување помеѓу сферата на образование и пазарот на трудот, како и на промовирањето и поттикнувањето на претприемништвото и самовработувањето, порача министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски на отворањето на состанокот.

Тој нагласи дека е неопходна повисока стапка на вработеност за Македонија да ја зголеми меѓународната конкурентност.

- Политиките за вработување кои беа во насока на стимулирање на побарувачката на пазарот на трудот имаа соодветно влијание на состојбите на пазарот на трудот... Во изминатиот период посебно внимание се посвети на реформите на сите нивоа на образование како главен предуслов за вработување и обезбедување долгорочен економски развој на земјата, исткна Ристовски.

Додаде дека е создадена правна и институционална основа за образование и обука на возрасни и доживотно учење.

- Развојот на економијата базирана на знаење преку подигање на нивото на квалитетот на образованието ќе ја подобри конкурентноста  и ќе поттикне создавање на нови работни места как основа за долгорочен одржлив развој на пазарот на трудот, прецизира Ристовски.

Министерот за економија Ваљон Сарачини посочи дека претприемништвото е движечка сила на секоја национална економија која обезбедува бенефит како на општествено, така и на ниво на индивидува.

- Министерството за економија презема разни мерки и активности за поддршка и развој на малите и средни претпријатија и претприемништвото преку тесна соработка со бизнис старт-ап центрите, бизнис инкубаторите и универзитетите. Воедно дава услуги за малите и средните претпријатија за воведување на стандарди, за промоција на нивните производи и за пристап до европските фондови, рече Сарачини.

Поттикнувањето на претприемништвото, потенцира, е повеќе од потребно во периодот кога светот се соочува со последиците од економската рецесија.

На потребите на пазарот на работна сила, додаде, најбрзо ќе се одговори со стратешко партнерство меѓу компаниите и образовниот систем.

Ленка Флинт, извршниот секретар на Светската организација на јавни сервиси за вработување истакна дека во светот е неопходна соработката на сервисите за вработување.

- Премостувањето на јазот помеѓу световите на образованието и работата е проблем што можете да го сретнете насекаде во светот. Затоа многу сум задоволна што сум денеска тука за да ги слушнам решенијата што ги нуди регионот на ЈИЕ за да го намали јазот. Се надевма дека тоа ќе ги инспирира и останатите јавни сервиси за вработување во светот кои се соочуваат со истите проблеми, порача Флинт.