Груевски најави доаѓање нова делегација од Катар за дополнително скенирање детали за инвестирање

Катарската делегација што ја посети Македонија неделава со извештаите од вршените анализи во Македонија се вратија во својата земја да ги разгледаат можностите за инвестирање во Македонија. Конкретна одлука немаат донесено, вели премиерот Никола Груевски, но е најавено дека нова делегација ќе дојде на дополнително скенирање на одредени детали за можни нивни инвестиции.

- Целта на посетата беше да се направат дополнителни истражувања за можностите за инвестирање на Катар во Македонија и токму затоа беа пратени претставници од најмоќните компании. Изминатите денови тие вршеа скенирање на различни проекти и покажаа интерес во повеќе сфери како што е енергетиката, а имаат интерес за докапитализација на ЕЛЕМ што би се вршело со градба на нови капацитети во енергетскиот сектор, за изградба на бензиски пумпи, како и во областа на туризмот каде разгледуваа можности за изградба на хотели, изјави Груевски по денешната промоција на нови наслови на книги од владиниот проект за превод на 1.000 стручни, научни книги и учебници од кои се учи на врвните универзитети.

Посетата на катарската делегација беше договорена за време на презентацијата на можностите за инвестирање во Македонија со цел да се направат дополнителни истражувања  за инвестирање во Македонија, изјави денеска премиерот Никола Груевски.

Тој истакна дека досега немаат донесено одлука за инвестирање и оти нивните претставници се вратени во Катар за да поднесат извештаи и да ги разгледаат можностите за инвестирање.

- Беше најавено дека веројатно ќе дојде уште една делегација која дополнително би скенирала одредени детали со можните нивни инвестиции. Ние не сакаме ништо да прејудицираме, тие на крајот ќе донесат одлука дали и во што ќе инвестираат, нагласи Груевски.