Претседателот на Владата на Република Северна Македонија - Димитар Ковачевски вечерва беше гостин во вестите на Канал 5. Во интервјуто премиерот Ковачевски се осврна на потпишувањето на договорот за ФРОНТЕКС при што рече:
„Вчера беше голем ден, не само за мене туку тоа е голем ден за македонските граѓани, пред се за Македонците. Вчера за прв пат нашата држава, Северна Македонија потпиша договор со ЕУ на чист македонски јазик, без никакви фусноти, без никакви ѕвездички, без никакви појаснувања и без никакви други формулации.
Ова е за прв пат да имаме договор кој што е одобрен од сите 27 членки и каде што сме ставиле потпис на договор на кој што стојат имињата и јазиците на сите 27 земји членки на ЕУ. Со ова паднаа во вода сите лаги, сите манипулации кои што во текот на јули беа кажувани во текот на гласањето за европскиот предлог во однос на отпочнувањето на преговорите со ЕУ.
Паднаа лагите на сите оние кои што со молотови коктели кои што со викање протестираа пред Собранието, пред Владата, паднаа лагите на сите оние кои што со вувузели внатре во Собранието го попречуваа донесувањето на заклучоците кои што ги донесе Собранието“, додаде Ковачевски.
Премиерот исто така истакна дека еден од заклучоците кои што ги донесе Собранието е тоа да се обврзува Владата при потпишувањето на ФРОНТЕКС на македонскиот јазик да биде без никакви додавки, да биде без никакви фусноти, туку да биде чист македонски јазик на кој што ќе биде потпишан договорот.
„И тоа вчера се случи, најдобрата потврда дојде со потпишувањето тука во Скопје од стана на Еврокомесарот Јохансон, тука беше и претседателката на ЕК, Фон дер Лејен која што на македонски јазик потоа се обрати во јавноста преку својот Твитер профил и го честиташе потпишувањето на овој договор“, рече Ковачевски.