Седница на Комитетот за туризам

Комитетот за туризам при Владата на Република Македонија, вчера (четврток, 10.05.2012 година) ја одржа осмата седница со кој претседаваше  заменик претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за економски прашања, г-дин Владимир Пешевски.

На седницата беше разгледан степенот на реализација на заклучоците кои се однесуваат на зголемување и подобрување на понудата на туристичките објекти, можностите за развој на алтернативниот туризам, како и повеќе информации за тековните активности од оваа сфера.

На Комитетот за туризам беше презентирана и предлог Програмата за промоција и поддршка на туризмот на Република Македонија за 2013 година, проектот за информирање на транзитните патници „Е75“, како и активностите за поддршка и промоција на здравствениот туризам во Република Македонија.

Дополнително, на седницата се анализираа и начинот и постапката за основањето автокамп, постапката за отуѓување на градежното земјиште наменето за автокамп, условите кои треба да ги исполнат корисниците на автокамповите и други прашања поврзани со оваа сфера.

Притоа, Комитетот донесе заклучок предлог Законот за автокампови да влезе во процедура за негово донесување.