Владата ќе распише тендер за субвенционирање нови авиолинии

Следната недела ќе биде објавен меѓународен тендер за субвенционирање нискобуџетска авиокомпанија која ќе треба да отвори шест нови линии. Се очекува авиокомпанијата со работа да почне најдоцна до ноември или декември, најави денеска премиерот Груевски.

- Објавуваме меѓународен тендер за субвенционирање на таков вид компанија. Во тендерот ќе се предвиди 40 илјади евра да бидат дадени веднаш за првите шест линии, а потоа за секоја наредна линија дополнителни 30 илјади еднократно, како и за секој патник дополнителна поддршка од седум, осум или девет евра. Тоа ќе биде една сериозна поддршка од Владата со цел зголемување на бројот на туристи, изјави Груевски по поставувањето камен-темелник на нов трговски центар со апартмани „City Mall Residence“.

Со тоа, според Груевски, и македонските граѓани ќе добијат нови авиолинии и можности за патување на полесен, побрз и поевтин начин. 

- Тоа ќе биде добро и за оние што имаат хотели во Македонија, како и за сите туристички работници, но и за сите граѓани не само од аспект на туризмот, туку и од аспект на поевтини и подиректни патувања, нагласи Груевски.

Најави дека во тек е изработка и на нов закон за автокампови, кој, како што рече, ќе внесе нов квалитет во оваа област.

- Тие досега не беа соодветно уредени и практично во Македонија нема легален камп или камп што ги исполнува стандардите. Од тие причини, Владата подготвува закон кој ќе оди на јавна расправа во стопанските комори и потоа за околу две недели ќе биде на владина седница што значи би требало да биде усвоен при крајот на јуни или јули од страна на Собранието, рече Груевски.

Законот ќе стапи во сила по завршувањето на туристичката сезона, бидејќи, како што истакна Груевски,  не сакаат сега на постоечките кампови да им ги растурат договорените аранжмани.