Портпаролите на Владата на Република Северна Македонија, Душко Арсовски и Муамет Хоџа на денешната прес-конференција информираа за донесените одлуки и заклучоци од 100-та седница на Владата и одговараа на прашања од интерес на јавноста и медиумите.
На прес-конференцијата се обрати и Виктор Андонов, соработник за енергетика, кој ги соопшти последните информации кои се однесуваат на значењето на штедењето на електрична енергија и информираше за тековната енергетска состојба во земјава.
Андонов подвлече дека во текот на вчерашниот ден, јавноста беше информирана од страна на претседателот на Владата, Димитар Ковачевски, за начинот на обезбедување на поевтина електрична енергија, за таргетираните сектори, како што се прехранбениот сектор, комуналните претпријатија и образовните институции, кои се важни за секојдневното функционирање на граѓаните.
Андонов упати апел до компаниите кои се дел од наведените сектори да се пријават за субвенционирана електрична енергија, која ќе ја добиваат од ЕСМ Продажба. Тој подвлече дека сите потребни информации во однос на постапката за аплицирање, како и за роковите, се наоѓаат на официјалната веб страна на ЕСМ.
„Прехранбениот сектор, односно производство на основни продукти, млеко, месо, леб, масла и друго ќе добиваат електрична енергија по цена од 80 евра за мегават час, со цел намалување на цената на основните производи за живот. Намалувањето на цените, на одредени производи веќе може и да се забележи како што објавија дел и од медиумите. Ова е дел од ветувањето на Владата дека храна оваа зима ќе има за сите“, истакна Андонов.
Тој оцени дека сите мерки за стабилизација и намалување на цените навреме се преземаат и даваат резултат.
На прес-конференцијата соработникот Андонов истакна дека комуналните услуги, кои се важни за секојдневното нормално функционирање на граѓаните се обезбедени, преку поевтина електрична енергија за комуналните претпријатија кои вршат дејност снабдување со вода. Тие ќе добиваат електрична енергија по цена од 95 евра за мегават час, со што испораката на вода е гарантирана.
„Децата ќе продолжат да одат во училиште, го слушнавме апелот на родителите, како и шпекулациите дека училиштата ќе затворат поради проблемот со енергенси и цените на електричната енергија. Обезбедивме цена од 95 евра за мегават час, за основните и средните училишта да продолжат секојдневно да работат, а децата да продолжат со своите секојдневни училишни активности. За ова вреди да се штеди!“, истакна Андонов.
Соработникот за енергетика упати апел до граѓаните дека промената во навиките е значајна, таа од една страна ќе овозможи голема заштеда без да се наруши комфорот или секојдневието, а од друга страна ќе обезбеди заштеда на ресурсите за производство на електрична енергија, односно тие ќе можат да се пренасочат или употребат на оние на кои најмногу им требаат. Во таа насока, како што истакна, сите треба да бидеме солидарни, за успешно да се справиме со кризата и да им помогнеме на институциите во справувањето со последиците од светската енергетска криза.
„Овие пораки ќе ги упатуваме кон граѓаните секојдневно без задршка, бидејќи немаме друг избор оваа зима, освен рационално да се однесуваме. Мора да имаме предвид дека државата во моментов располага со енергетски објекти кои се стари и половина век. Во периодот што следува, заради временските услови и заради зголемената потрошувачка на електрична енергија, овие производни објекти ќе бидат дополнително оптоварени, и можни се и неочекувани испади, меѓутоа состојбата секојдневно се следи и за преземените мерки граѓаните навремено ќе бидат информирани“, рече Андонов.
На прес-конференцијата соработникот за енергетика го соопшти дневниот енергетски биланс за претходното деноноќие. Тој информираше дека вкупното производство на електрична енергија од ЕСМ, за вчерашниот ден изнесува, 10756 мегават часови. Од термоелектраните произведени се вкупно 7800 мегават часови, од обновливите извори на енергија произведени се 2956 мегават часови, набавена е електрична енергија за потребите на вчерашниот ден 2400 мегават часови.
Портпаролот на Владата Муамет Хоџа, на прес-конференцијата информираше дека Владата на Република Северна Македонија по препорака на Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците ја разгледа и усвои информацијата за одржување втората заедничка седница на Владата на Република Северна Македонија и Владата на Република Албанија која ќе се одржи на 14 ноември годинава.
Како што беше посочено, во рамки на меѓувладината седница ќе бидат потпишани повеќе меморандуми за продлабочување на соработката во повеќе области од заеднички интерес: економија, одбрана, образование, европски интеграции, здравство и други.
Меѓувладините седници имаат за цел подобрување на соработката во регионот, размена на искуства, подобрување на меѓуграничната соработка, подобрување патната инфраструктура и економски раст.
Портпаролот Арсовски на прес-конференцијата информираше дека повеќе авиокомпании пројавија интерес за поддршка, по усвоената програма за финансиска поддршка со која се поттикнува развој на воздушниот сообраќај за периодот од три години почнувајќи од 2023 година.
Со јавниот повик што ќе биде распишан во наредниот период, како што истакна, е овозможено повеќе од една компанија да ги користи средствата што треба да донесе повеќе нови дестинации за нашите граѓани по поволни цени.
Донесена е и Уредба за начинот и критериумите за доделување финансиска поддршка на домашни и странски авиопревозници и потребната документација којашто треба да се достави од страна на корисниците на финансиската поддршка.
Како што беше информирано, според првичниот интерес, Владата очекува авиосообраќајот веќе наредната година да го достигне и надмине бројот од 2,7 милиони превезени патници од пред пандемијата, во рекордната 2019.
Дополнително, патувањата до нови одредишта во Европа и во светот очекуваме да донесат можности за натамошен економски развој, унапредување на туризмот и запознавање и соработка помеѓу граѓаните и бизнис секторот од нашата држава и од други држави.
На новинарско прашање за блокадите од опозицијата на кредитот од ЕБРД од 100 милиони евра, соработникот Андонов истакна дека како што претходно беше објавено, роковите се наоѓаат во стратешките документи донесени во текот на 2019-та година, поточно стратегијата за развој на енергетиката која разгледува три сценарија. Андонов информираше дека овие документи се подготвени пред почетокот на енергетската криза и тие согласно постојната законска регулатива имаат обврска да се менуваат. Националниот план за енергија и клима се менува на секои две години, а стратегијата за развој на енергетика се менува на секои пет години, односно наредната година ќе се работи на нејзина измената. Андонов истакна дека конкретно законот со кој се предвидува добивање на поволен кредит од 100 милиони евра за ликвидноста на ЕСМ, има акционен план во кој се преземени роковите од овие планови кои биле и претходно објавени транспарентно. Доколку роковите во овие планови кои се донесени се изменат, тоа значи тој план ќе се измени во согласност со тие предвидени нови рокови. За истото министерот за економија има испратено допис до пратениците и до Собранието дека во текот на наредната година ќе се работат измените на овие два документа во кои сигурно ќе има поместување на дел од роковите имајќи ја предвид тековната енергетска криза.
На прашањето како Владата ги коментира случувањата во „М–НАВ“ по медиумските објави за оставки и оспорувањето на конкурсот за контролори на летање и дали ќе бидат преземени соодветни мерки со оглед на сензитивноста на областа во поглед на безбедноста на сообраќајот, портпаролите информираа дека „М-НАВ“ е институција што има свои тела за менаџирање, начин на одлучување и сопствен буџет. Портпаролите истакнаа дека според информациите што ги има Владата, постапката за избор на кандидати за обука на контролори се’ уште e во тек, и дека согласно меѓународните стандарди „М-НАВ“ е обврзана во своето работење да ги следи строгите правила на „Еуроконтрол“ и на меѓународниот систем за управување со воздушен сообраќај на кој што е членка.