Говор на премиерот Никола Груевски по повод одбележувањето на 20 годишнината од Денот на независноста - 8 Септември

Почитувани,

 

Македонија во минатото даде великани, имиња кои ги изговараме со смирена благонаклоност и со стравопочит. Македонија и сега создава големи по душа и неповторливи маченици и херои, подготвени за самопожртвување пред споменот или ликот на кои им симнуваме капа.

Јас лично со своите слаби сили и способности не сум направил ништо повеќе од совесно исполнување на долгот кон Македонија. Македонија им припаѓа на сите нејзини луѓе, без разлика на религијата, нацијата и јазиците, во утрешна слободна Македонија и преку неа ќе се здружат сите балкански народи.

Ние не сме согласни со тоа што вие мислите за Македонија. Ние не можеме да правиме политика, ниту да дозволиме други да прават политика со Македонија. Ние нема да дозволиме други да решаваат дали да живееме или да умреме и кога. Кога да се прави востание ќе реши народот. Нема да дозволиме да командувате оттука, за да не внесете во игра на востание како што се обидовте лани. Но, знајте ние не бараме покровители, а уште помалку господари.


Труд и постојанство, тоа е силата со помош на која човек станува најголем при секоја иницијатива.


Јас не сакам востание со луѓе што ќе ме напуштат по првиот неуспех. Јас сакам револуција со граѓани кадарни да ги понесат сите искушенија на една долготрајна борба, каква поради жестоките политички услови ќе биде и нашата.


Ова беа зборови кои татнеа низ епохите, кои се испреплетуваа во иницијативите, кои влегуваа во секој дом преку секоја акција, кои не делеа никого, кои обединуваа. Ова беа зборови на Гоце, Даме, Карев, Александров, војводи и револуционери кои не следат до денес и ни порачуваат на нивната саможртва и идејата во која верувале.


Драги пријатели, македонски граѓани, земјаци, домот е света работа, да се биде свој на своето е желба на секоја нација во светот. Да се поздравува слободата во секое изгрејсонце, да се зборува и твори на сопствен јазик, слободно да се учи за сопствените вредности и историја, да се негува својата традиција и култура е вредно за секоја и секаква жртва. Нашите ова гордо чувство го имаат спечалено со многу крв и со многу мака. Нашата држава иако мала по површина, има темел еднакво голем со секоја друга европска држава. Тој темел е храброста, решеноста и жртвата на генерации и генерации кои подарија се што имаа за својата држава. Се арчиме за Македонија, велеа гемиџиите и како илјадници други патриоти на одарот на оваа голема идеја ја подарија својата младост, своите соништа, љубови, амбиции и животи. Како што и сам говори Сандански: Јас не го чекам брзото ослободување на Македонија, тоа може да не дојде дури и во моите денови, но јас сакам да го запазам народот и да го организирам и ако тоа се случи тој ќе ја добие својата слобода. Жртва е да се даде својот живот без да се очекува заслуга. Да се прифати дека сте само зрно во мозаикот на голема идеја, СЛОБОДНА МАКЕДОНИЈА.


Затоа колку и да имало обиди ова да не е така, јас со полно срце велам, денешниот празник е прослава на победата. Победа на еден аманет, пренесуван од генерација на генерација како пламен што не смее да згасне, што кога тогаш мора да се разгори. Денес низ портата Македонија поминува одлучноста на Сандански, визионерството на Делчев, саможртвата на Гули, посветеноста на Карев, бестрашноста на Груев, бескомпромисноста со националните интереси на Ченто, Брашнаров, на сите оние дејци и јунаци од различна вера и нација, кои придонесуваа за оваа слобода, самостојност и независност. Поминуваат сите наши знаени и незнаени јунаци и дејци кои го вградија својот камен во бедемот на слободата и државноста. Спомениците на дел од овие луѓе и градбите во кои ќе бидат сместени државните институции се продолжување на таа света идеја за слобода и државност. Тоа што го гледате околу себе е нашиот долг кон институциите на државата и кон делото на овие херои, со чија жртва е создадена оваа држава. И тоа треба со гордост да го кажуваме, не срамежливо, не со страв или со сомнеж, туку со гордост и високо крената глава, искрено и отсечно, од денеска па натаму, сите ние во еден здив, ова е нашата Македонија, ова е нашата победа.


Овде, на овој плоштад, кога нашите деца ќе чекорат и ќе се интересираат за делата на овие луѓе, да им кажеме со гордост, нивната жртва е нивниот влог кон нашата држава и слобода. Овие дела што ги гледате не ми припаѓаат на мене, ниту на ВМРО-ДПМНЕ, ниту на оваа Влада, на ниту еден политичар, на ниту една партија, тие се дела на Македонија. Создадени од сите нас кои живееме тука. Како потврда дека не сме заборавиле кои се вредностите оставени во аманет и што за нас е над се, слободна и независна држава Македонија. Ова е нашата благодарност до нив, благодарност од нашата генерација. Но, не само ова, благодарноста до нив е активност и прогрес во сите останати полиња на нашето живеење, а според мене, ќе биде и концептот кои вечерва пред вас на овој ден би сакал да го предложам. Знам дека моите зборови и она што ќе го говорам сега на многумина ќе им звучат неверојатно и неостварливо. И во право сте, ако се земат во предвид доста примери од изминатите години или дури и децении. Но, јас знам дека можеме, јас верувам дека нема друга алтернатива, јас сум убеден во зборовите на една позната историска личност. Ништо не е невозможно за оној кој ќе се обиде.


Почитувани граѓани,


Во овие 20 години создадовме независна и демократска држава, поминавме низ бавна и мачна транзиција, се спроведоа голем број на суштински реформи, видовме и добро и лошо, конфликти и помирувања. Но, она што го покажавме е дека со сите специфики успеавме да создадеме уникатен и функционален систем, потпрени на почитување на различностите и толерантност. Дадовме пример на многу европски земји дека различните култури можат заедно, дека тоа е прашање на волја и избор. Тој систем е далеку од совршен и систем кој секојдневно го градиме, но верувам дека ќе му помогне на секој граѓанин на Македонија да го пронајде своето вистинско место. Тој систем е најголемата придобивка на овие 20 години и огромен капитал за иднината.

 

Драги браќа и сестри, соседи и пријатели,


Има многу начини човек да падне, но има само еден да стане, со верба и со чисто срце. Дозволете ми да го објаснам мојот концепт за Македонија базиран на филозофијата, слободниот дух, правото на избор, вербата во Бога.


Прво. Ние сме држава на слободни граѓани. Слободата подразбира иницијативност која мора да ја бараме во секој од нас, да ја разбираме и да ја ползуваме. Од нас и од никој друг не зависи нашата иднина. Оваа голема независност, сувереност и самостојност на која денес и се поклонуваме е големо цивилизациско право кое ние го стекнавме. Ние треба да го надградиме. Дали ќе останеме незаинтересирани и фрустрирани, или ќе бидеме напредни, прогресивни и силни од самите нас зависи. Од никој друг. Јас сум силно убеден дека како нација и како генерација сме кадарни да ги достигнеме новите хоризонти, да ја достигнеме новата граница на нашето битисување, новото скалило. Ние сме слободни граѓани во слободна земја. Нашите одлуки самите ги донесуваме. За нашата иднина сами одлучуваме, не одлучува Белград, Софија или Цариград. Одлучуваат граѓаните на независна Република Македонија. Самите Ние.


Второ. Сите да се вложиме во процесот на изградбата и прогресот на нашата татковина. Тоа е нашата историска обврска. Без задршка. Не барај алиби. Искористи ја својата креативност, иновативност, енергија, способности, можности и направи добри дела за Македонија. Ќе искористам еден цитат кој му се препишува на Алекдандар Македонски “судбината на сите зависи од постапката на секој”. Тоа секој добро мора да го разбере и да ја започне сопствената потрага за подобар живот базирајќи ја на морал и етичност. Тргни од себе си, најпрвин биди добар човек. Почитувај го моралот, шири љубов околу себе, почитувај ги родителите и твоите блиски, соработувај и влегувај во односи со својата околина, со сограѓаните, развивај се себе си, својот бизнис, своето образование. Почитувај ја заедницата, своето соседство. Кога веруваш и ќе победиш. Победата во голема мера е и верба. Негувај го системот на вредности, сакај ја и бори се за вистината, никогаш не отстапувај од неа, одлуките и во секојдневниот живот и оние подолгорочните носи ги со мудрост, стимулирај ја мудроста. Биди искрен и чесен, нека не те заблудуваат брзиот пат кон успехот, немој да правиш непринципиелни сојузи. Тоа не е добро. И работи, многу работи, многу, многу работи. Трудот секогаш се вреднува, можеби успехот нема да дојде веднаш, но ќе дојде, биди сигурен во тоа. Тоа е свеста која треба да се достигне.


Тоа е промената во нашите глави која треба да ја направиме. Ново квалитетно ниво во поимањето на стварноста, на околината со силна верба во заеднички можности, како генерација сме должни да се промениме кон подобро. Тоа не е ништо чудно, ниту необично, не - тоа се нормални процеси кои следуваат. Промените се природна работа, особено кога се резултат на правилен избор на добри одлуки. Добробит е она кон што се стремиме, за подобра иднина на нашите деца и внуци. За генерацијата која што после 50 години ќе каже дека генерацијата на ова време, нашата генерација направила, создала, модернизирала, реформирала, ја изградила татковината. Бори се за место на светлите страници на историјата на својата нација. Тоа место се заслужува, тоа не е гарантирано за определени или посебни, не, тоа е за оние кои што работат и оние кои што веруваат.


Трето. Гоце ни ја понуди револуцијата, Ченто самоопределувањето, многумина пред нив и по нив, ни понудија нешто што не носеше напред во даденото време. Нашата генерација има поинакви предизвици. Јас денес и сега, го нудам концептот и платформата на политичко и национално обединување околу нештата кои со сигурност ќе не водат напред. Да се обединиме сите ние, Македонците, Албанците, Турците, Власите, Ромите, Србите, Бошњаците и останатите, христијаните, муслиманите, евреите и атеистите, мажите и жените, сите без разлика на политичка, етничка, верска или национална припадност. Да се обединиме за развој, за прогрес. За заштита на она што природно ни припаѓа. За она што цивилизациски сме го стекнале, за она што човештвото ни го дало, но и за надградба на тоа. Да се обединиме околу идејата дека нашата држава може да напредува само доколку секој граѓанин има повисоко и поквалитетно образование и знаење. Во која и да е област има шанса за поголем успех и поквалитетен живот. Дека знаењето е главниот двигател на општеството, најголемата шанса на сиромашниот да излезе од сиромаштијата и најсилното оружје на секоја индивидуа. Затоа, на секој граѓанин треба да му се даде шанса и стимул да учи. Охрабрување да научи повеќе во рамките на образовниот процес и надвор од него, независно од неговата возраст, социјална, етничка, верска, полова или било каква припадност. Тоа подразбира дека оваа и секоја наредна власт, за секој чекор кој ќе се направи во правец на поефтино, поквалитетно и подостапно образование ќе добие поддршка од сите граѓани, партии, политичари, критичари. Имаме многу примери на држави кои се развиле во потешки околности од нашите, но со силен фокус на знаењето на секоја индивидуа и образованието, и економски и цивилизациски отишле далеку пред нас. Ајде да се обединиме околу ова и да не си поставуваме пречки заради дневно политички интереси кога треба да се спроведуваат конкретни чекори независно дали се тие: воведување на задолжително или бесплатно средно училиште, компјутер пред секој ученик, превод на најквалитетни учебници во светот, или кампања за поттик на знаењето и образованието или некоја изводлива идеја која било кому ќе му падне на памет во иднина, а која ќе придонесе во тој правец, вклучувајќи ги идеите на опозицијата и на сите граѓани.


Да се обединиме околу концептот дека нашата нација и нашите граѓани, ним им се потребни мерки за развој на претприемачкиот дух и на иновативниот дух како предуслов за напредок на економијата и поединецот. Да се согласиме дека, за жал, се уште се присутни остатоците од поранешниот идеолошки систем, каде се потиснуваше развојот на индивидуалната креативност на сметка на колективната, а пазарното општество се базира на поттикнување на креативните способности на секој индивидуалец и на тој начин создавање на посилна држава. Знаењето и образованието не се доволни сами по себе ако се репититивни и ако сите ние го повторуваме она што сме го чуле или прочитале, без системски поттик на секој поединец до максимум да ја извлече и развие својата креативност и иновативност да се насочи кон создавање на сопствен бизнис, нема напредок во општеството. Моќта на најразвиените држави во светот почива на создадената култура, атмосфера, верување дека секој треба да смисли начин како да успее во животот и да не чека друг да го направи тоа за него. Огромен процент од извозот на најразвиените земји почива на создадени иновации од самите граѓани и фирми во тие земји, тоа треба да се стимулира и да се создава култура дека секој успешен бизнисмен кој чесно заработил треба да е пример кој ќе го почитуваат сите, посебно помладите. Без обединување околу овој концепт ќе добиеме учени луѓе кои не знаат како од тоа што го научиле да заработат кој по кусо време ќе станат длабоко фрустрирани велејќи дека имаат големо знаење ама никој не сака да ги вработи или немаат начин како да заработат со тоа знаење. Тоа значи дека секој треба да почне да верува дека може да успее ако има добра идеја, упорност и подготвеност за ризик.


Многу денешни милијардери во светот започнале само со добра идеја, упорност и решителност и со доза на ризик, кои кога ја создале добрата идеја нашле начин со многу работа, упорност и труд да дојдат до извор на финансирање за развој на таа нивна добра идеја.


Ајде да се обединиме околу овој концепт, тоа би значело секоја идеја за мерка денеска или во иднина, без разлика кој ќе биде на власт не треба да добива фабрикувани критики и препреки само заради ситни политички поени, независно дали таа мерка е овозможување на фирма да се формира за само четири часа или полесен пристап до пополнување кредити, давање стимулации за започнување бизнис или за нови применливи иновации или правење на медиумска кампања за создавање на ваква клима или било која друга остварлива идеја од било кога.


Кога велам ајде да се обединиме околу напорите за овозможување на подобар живот за нашите граѓани за подобар стандард за повисоки пензии и плати не мислам да ја поддржиме секоја влада да го прави тоа без реална подлога, туку да прави реформи на системот кој на креативните индивидуи ќе им овозможи успех за нив, а тие би вработиле и други. Значи да го менуваме системот, ама и менталитетот од пропасивен кој чека некој да го вработи, кон проактивен кој самиот создава вредност од идеја или иновација.


Ајде да се обединиме околу енергијата за создавање на подобра економија и повисоки стапки на економски раст, поголеми странски инвестиции, да помогнеме да се отворат работни места за нашите граѓани тоа ним им треба, преку глава им е од делби и од кавги.


Ајде да се обединиме околу концептот дека колку повеќе ги растеретуваме фирмите и бизнисмените од даноци и од давачки, односно колку пониски се даноците на претприемачите ќе им оставиме повеќе пари кои наместо за даноци најчесто ќе ги употребуваат во отворање на нови работни места во Република Македонија. Овој концепт подразбира дека приватниот сектор е тој кој го влече напредокот и од кого зависи колку нови работни места ќе се отворат во иднина, колку повисоки даноци толку помалку инвестиции ќе има од приватниот сектор бидејќи наместо за инвестиции парите ќе ги даваат на државата, а таа многу понеефикасно ќе ги користи отколку приватниот сектор во смисла на отворање на работни места. Ова би значело поддршка на мерки како што беше воведувањето на нулта стапка на данок на добивка ако компанијата не ја распредели добивката во дивидента, намалување на давачките, воведување понизок и рамен данок, наместо повисок или прогресивен данок, значи треба да прифатиме дека кога намалуваме даноци не му помагаме само на сопственикот на фирмата и на фирмите за да си ги задржат повеќе парите за себе наместо да ги уплатат во буџетот, туку му помагаме со тие пари да вложи во нови инвестиции и да отвори нови работни места, така најмногу им помагаме на сите и најдобро им помагаме, подобро работно место отколку повисоки даноци или малку поголема социјална помош, а немање вработувања.


Да се обединиме околу подоброто здравство, модерни и реконструирани болници со модерна опрема, но и реформиран систем кој во центарот на вниманието ќе го стави пациентот, а не лекарот, а на лекарот ќе му овозможи стимул да одговори на потребите на пациентот и да знае дека колку е подобар во тоа, толку во иднина ќе биде и подобро платен и почитуван. Обединувањето околу овој концепт би значело поддршка не само за реконструкциите и за новата опрема, туку и за воведување на концепт плаќање по сработеното или дупла плата за три до пет најдобри лекари на секоја болница и клиника или некоја нова изводлива идеја која би дошла од било кого независно дали е власт или опозиција или било кој граѓанин. Убеден сум дека за овој концепт за кој освен системски промени, исто така, потребни се промени на менталитетот, вреди да се обединиме. Меѓу нас може и треба да има разлики во инструментите, во идеологијата, во патиштата до целта, во методологијата за носење на одлуките може да има и политички разидувања за разни закони или одлуки кои ги определуваат вредностите во кои веруваме, но не смее да има поделба и несогласувања околу најважните прашања кои се од витално значење за граѓаните, за напредокот, за нацијата, за државата околу интересот на државата обединување, а не поделби, доста ни се поделби, доста ни се интриги, доста е од влечење надолу на секој кој има идеја и сака да тргнеме напред, доста е од кавги за суштински работи за кои што треба сите да сме обединети.


Почитувани граѓани,


Денес нудам и очекувам и се надевам сите граѓани на Македонија, сите лидери на политички партии, сите поглавари на верски заедници, сите носители на јавни овластувања да прифатат национално обединување околу одбрана на цивилизациското и природно право на име и идентитет. Ме прашуваат која е нашата политика за името и околу кој концепт за решение да се обединиме, ова е концептот за кој се залагаме, од ова не отстапуваме и бараме поддршка од сите, од граѓаните на Македонија. Нема промена на Уставот со цел промена на уставното име, а тоа е Република Македонија. Нема да прифатиме идеи и предлози што би го загрозиле Македонскиот национален идентитет, засебноста на Македонската нација и Македонскиот Јазик. Нема да дозволиме кое било решение да биде прифатено од страна на политичари и поединци, Влада или Собрание без претходно за тоа да се изјаснат македонските граѓани на референдум, а притоа мнозинството на граѓаните кои ќе излезат на референдумот да се согласи со можното решение.


Ајде сите да се обединиме околу ова!


Ајде ова да бидат нашите црвени линии!


Обединети сме посилни, обединети сме помоќни. Да ја вложиме нашата енергија продуктивно на градење цврсти врски помеѓу сите граѓани, на развивањето на соживотот, на промоцијата на вредностите. Да се поврземе во целите, во вербата за подобра иднина, за дела кои ќе говорат за нас самите, не сега, не само во овој историски миг, туку кои ќе сведочат за секогаш, за една нација која знаела кога треба да се застане силно во одбраната на нештата кои ја карактеризираат и ја прават да биде таква. Првиот чекор во правењето на посилна Македонија е вербата во посилна Македонија, а вербата во посилна Македонија започнува со вербата во посилна индивидуа, во верувањето во самиот себеси, во своите права и привилегии, но и во своите должности и одговорности како слободен човек, слободомислечка индивидуа. Успехот на секој од нас е резултат на сопствените залагања. Една единка може да ги промени работите. Реалноста се менува. Потребен е само многу труд и многу верба.


Потребно е многу верба до победата!


Четврто. Предизвиците нека дојдат, ние не бегаме од нив. Не, ние смело ги очекуваме. Ние сме независна нација сигурна во своите одлуки, способна и кадарна да носи одлуки самата, одлуки кои ќе ги определат начините за надминување на тие предизвици. Истите тие предизвици овозможуваат сплотување кое не прави уште посилни и кое ни дава дополнителна сила и истрајност и чувство за разликување на битното од небитното.

Петто. Не нудам лесен успех. Нема скратен пат или пат прекутрупа. Има многу залагање вложување и многу пот. Ама кога успехот ќе биде достигнат, тогаш само првиот момент ќе ги засени сите маки и потешкотии од пред тоа. Нив ќе ги заменат чувствата на среќа и исполнетост бидејќи со едно обично вртење на погледот наназад секој од нас ќе може да каже, да, јас имам учество во изградбата на мојата земја. Нејзините успеси се и мои успеси, кога таа е успешна и јас сум успешен, а уште повеќе што сум придонел за тој успех. И секој придонес е битен. Освоената спортска награда на спортистот, напишаната книга на писателот, настапот на музичарот во светските концертни сали, секоја тула која работникот ќе ја заѕида во новиот објект кој се гради е голем придонес за Македонија. Лекарот кој направил успешна операција е успехот исто како и наставникот кој едуцирал, образувал стотици младинци за да стекнат знаење за да се снајдат низ животот. И добриот збор на улица, поздравот кон стариот комшија, честитањето на празникот од христијанинот кон муслиманот или од муслиманот кон христијанинот е учество кон успехот. И полицаецот кој ги гони криминалците и војникот кој ги чува границите е македонскиот успех. И посаденото дрво и секое семе кое земјоделецот го фрла на земјата македонска е успех. Сите ние, нашата генерација се стреми да го надмине успехот на претходната и нашата генерација ќе постигне и веќе постигнува успеси.


Шесто. Прогресот на нацијата и државата ќе дојде како резултат на една силна енергија, на продуктивните луѓе и напредните мисли. Него ќе го извојуваме низ дискусии, низ дебати искористувајќи го целокупниот наш потенцијал и капацитет. Прогресот единствено е возможен доколку сите се подвргнеме на почитувањето на законите. Нормите се создадени за да обезбедуваат едно поведение и однесување кое е правилно и исправно. Затоа тој исчекор во нашата свест треба да стане правило. И плаќањето на сметката и недавањето на мито кога ќе ви побараат и пријавувањето на митаџиите и обезбедувањето на еднакви услови и можности за сите, без разлика дали се големи или мали, моќни или помалку моќни, вакви или такви, е наш влог во иднината. Ревносноста која ја практикуваме во борбата со криминалот е опција која знам дека ќе донесе резултати. И тука нема подлегнување, без разлика со какви притисоци ќе бидеме соочени, без разлика на страничните удари кои ги има или ќе ги има. Но, ако потклекнеш тука си потклекнал секаде. Законите мора да се почитуваат, но тоа не е доволно. Потребно е и дополнително повисока етика. Таа е скалило повеќе од почитувањето на законите.

Седмо. Најновата македонска независност самостојност и сувереност е неоспорно заслужена. Земјата е градена со рацете на нашите предци, на почитта кон разликите кои не обединуваат. Кога една вредност е заслужена тогаш таа е трајна. Ајде да го сплотиме ткивото кое изобилува со јачина и да зачекориме кон столчето на масата на европските и евроатланските народи! Тоа столче е и наше и нас не чека. Првиот печат на нашиот труд и првиот чекор на новата граница на нашата историска фаза треба да биде членството во ЕУ и членството во НАТО, каде што природно припаѓаме и каде што е нужно да влеземе, но необременети со гордо подигната глава, без омаловажувања и без решенија кои ќе создадат нови и огромни историски фрустрации на нацијата и депресија на националното битие, туку напротив горди и со самодоверба, полни со желба за натпревар на културниот мегдан на народите.


Осмо. На овој голем ден за нас би сакал да испратам една искрена и многу длабока порака. Таа, пред се, извира од моето срце како на човек, на човекот Никола Груевски, а потоа се дообличува како израз на политичарот Никола Груевски и човекот на кој вие почитувани граѓани, мнозинството од вас сте му ја дале довербата да се бори за заедничкиот интерес на сите нас во една историска епоха и Ви благодарам заради тоа.


Почитувани граѓани, 
На ова парче земја од секогаш живееле различни нации, се испреплетувале различни религии и егзистирале различни културни поимања и вредносни определби, но секогаш овде живееле луѓе. Секој од нас бил и е човек во вистинска смисла на зборот колку и да сме биле различни. По различни основи секогаш имало нешто што не поврзувало и не држело во заедништво.


Некогаш тоа биле заедничките проблеми, некогаш потребата од заеднички труд за да се надминат потешкотиите со кои се соочувало населението, некогаш тоа бил заедничкиот недобромисленик. Но, секогаш по правило секогаш постоеле емотивни врски помеѓу луѓето кои живеат на овој простор, кои не дозволувале прекин на комуникацијата, рушење на сите мостови или трајно раскинување на националното ткиво која го определила територијата Македонија, а го збогатиле со своите карактеристики Македонците, како најмногуброен народ во државата, но и Албанците, Турците, Србите, Ромите, Власите, Бошњаците и останатите кои битисувале овде.


Имало моменти кога сме имале недоразбирања, сме се повредувале меѓусебно, сме чувствувале дека секогаш некако неоправдано оној другиот не ги заслужува своите придобивки. Но, и во такви тешки моменти сме знаеле дека токму оној другиот е нашиот сосед, соселанец, сограѓанин, човекот кој секојдневно го гледаме на улица и со кого разменуваме зборови. Муабетот и капачикот не поврзувал. Сме знаеле дека оној другиот можеби е оној човекот кој прв ни доаѓа на помош кога ќе ни се запали амбарот, или оној со кога заедно ги бараме изгубените стада, или соработникот од третата смена на фабриките, родителот на детето кое си игра со нашето дете.


И токму тој е оној на кого не можеш трајно да му се налутиш или да го заборавиш, избришеш од својата меморија. Затоа што таму тој се вгнездил, а ако тоа место остане празно во меморијата, тогаш чувствуваме дупка, а таа дупка лично не потиштува.


Затоа велам колку и да сме различни, тука сме, заедно се раѓаме, ист леб јадеме, заедно живееме, славиме, се радуваме, жалиме и тагуваме и заедно умираме. Да се обединиме. Да се обединиме најпрво во срцата, па во разумот и мудроста. Да не спојуваат вредностите во кои веруваме, а ги има толку многу, да си простиме ако сме си грешеле, искрено со срцето да си простиме, да ги оставиме на буништето на историјата сите лоши мисли и лоши дела. Да ги маргинализираме, ние друга опција немаме, колку и да ја бара некој. Политиканството или негирањето или играњето на нечесна карта и внесувањето на раскол помеѓу нациите и религиите не е добра работа ни во библијата, ни во Куранот. Да се потчиниме на заедничките добра, на стремежот за подобра економија и нови работни места, за подобро образование и здравство, за повисок стандард, за културен развој, за нови патишта. Да чекориме заедно и сплотено кон Европската унија и НАТО, друг пат нема. Сплотеност е патот. Верувајте дека кој нема да го сфати ова ќе биде оддуван од ветерот на промени ќе биде соочен со проблемот најпрвин помеѓу своите, а потоа и од останатите и ќе исчезне, затоа што се борел за невредности. Оној кој ќе умее да го отвори срцето и да покаже респект кон вредноста на другиот, но и кон симболите кои не обединуваат и ја симболизираат нашата заедничка инвестиција во државата Македонија ќе биде одбележан како личност која знаела да го направи вистинскиот избор и која придонела со својот труд, авторитет и залагање за среќата на своите сограѓани. Тоа е истиот израз на мојот внатрешен суд и вредност во која длабоко верувам и ќе сторам се да ја направам. Оваа не е подадена рака, оваа не е подадена рака затоа што ние веќе со векови се држиме за рацете, ова е пријателски стисок на раката кој може да не доведе само кон поцврста база за нови потфати и успеси. Ново и засилено пријателство за доброто на сите во Македонија.

 

Да живее Македонија!


Да сте здрави и живи, да бидете на добра мисла!


Бог да и помогне на Македонија!


Среќен роденден татковино, среќен роденден Македонијо!