Портпаролот на Владата на Република Северна Македонија, Душко Арсовски заедно со соработникот за енергетика во Канцеларијата на претседателот на Владата на Република Северна Македонија Виктор Андонов на денешната прес-конференција информираа за последните информации во енергетиката, промовираа информативно-едукативни активности коишто имаат за цел штедење на енергенси и одговараа на прашања од интерес на јавноста и медиумите.
На прес-конференцијата соработникот за енергетика Виктор Андонов, информираше за тековната енергетска состојба во земјава и најави дека од денеска Владата започнува со реализација на информативно-едукативни активности, со кои како што рече сакаме да ја подигнеме јавната свест за тоа колку е важно штедењето на електричната енергија во услови на светска енергетска криза.
„Целта е овие пораки за важноста на штедењето на електрична енергија да бидат слушнати и прифатени од што е можно повеќе граѓани. На тој начин очекуваме овие пораки да имаат позитивен ефект, да влијаат на сите нас да смениме нешто во секојдневните навики што ќе ни донесе бенефит веднаш и сега. Граѓаните, институциите и компаниите се многу важни во овој процес! Секој од нас треба да се вклучи и да направи мала промена во домот и на работното место, која ќе значи многу за енергетскиот систем. За да имаме утре, штедиме денес! Ова кризно време бара од секој од нас домаќинско и рационално однесување“, истакна Андонов.
При промовирањето на информативно-едукативни активности под слоганот „Штедиме заедно денес за да имаме утре“, портпаролот Душко Арсовски, наведе примери за заштеда на електрична енергија и упати апел за рационално користење на ресурсите, со што ќе се овозможи намалување на сметките како и зголемување на конкуренцијата на претпријатијата.
„Во овие информативни материјали содржани се корисни информации за граѓаните како поефикасно да ја користат електричната енергија и на тој начин да ја штедат.
Ќе наведеме неколку корисни примери:
Енергетски ефикасните сијалици заштедуваат и до 90% електрична енергија.
Одржување на температурата на 22 C наместо на 25 C заштедува до 10% електрична енергија.
Краткото туширање заштедува вода, струја и пари на вашата сметка.
Ова се неколку навидум мали промени, меѓутоа ако ги применуваме сите ќе имаат големо значење за енергетскиот систем.
Според некои експертски анализи, доколку се почитуваат овие и други препораки може да се заштеди електрична енергија и до 50%“, посочи Арсовски.
Во услови на тешка состојба на глобалниот пазар за енергенси, Владата донесе план за штедење со конкретни насоки за сите органи во состав на државната управа. Како што претходно информиравме, заштедата на државните институции кои почнаа да го применуваат овој план изнесува околу 20 проценти.
На прес-конференцијата соработникот за енергетика го соопшти дневниот енергетски биланс за претходното деноноќие и за покривањето на потребите од електрична енергија на регулираниот пазар. Тој информираше дека вкупното производство на електрична енергија од ЕСМ, за вчерашниот ден изнесува, 10.786 MWh електрична енергија со 3.110 MWh набавена електрична енергија. Во термоелектраните произведени се 7.834 MWh електрична енергија, а во ветерниот парк Богданци 2.952 MWh.
„Најважното за овој период од годината, во овие кризни услови во кои живееме заради воените случувања во Украина кои предизвикаа нестабилност на енергетските пазари, е дека за граѓаните обезбедивме електрична и топлинска енергија по најповолни можни услови.
Состојбата со електро-енергетскиот систем е стабилна, продолжуваме да ја следиме секојдневно и да ве информираме навремено“, рече Андонов.
На новинарско прашање за ставот на Владата во врска со студентските протести портпаролот на Владата Душко Арсовски одговори дека студентите се иднината на Северна Македонија и тие мора се вклучени во процесите кои ги засегаат. Затоа подвлече тој, оваа Влада им е сојузник и тоа досега во многу наврати се потврди, преку заеднички дискусии за изнаоѓање на решенија за предизвиците.
За едно од нив - студентскиот оброк низ дијалог завчера се дојде до решение да продолжи да се користи по старите критериуми до изнаоѓање системско решение.
Оваа Влада не е позната по укинување на студентски права и можности, туку напротив континуирано го унапредува студентскиот стандард преку воведување на нови системски или периодични/интервентни мерки со кои се олеснува студентскиот живот и студирањето. Ќе потсетиме дека во време на пандемијата доделивме ваучери за покривање на дел од трошоците за партиципација и сместување во студентски домови. Потоа, воведовме субвенциониран студентски оброк, студентските стипендии значително ги зголемивме и тоа некои категории за над 80%, воведовме нови видови на стипендии кои во минатото не постоеја, изградивме нови студентски сместувачки капацитети.
Оваа заложба подвлече Арсовски, ќе продолжи и понатаму и на сите прашања заради кои се повикува на протести, се работи и наскоро ќе има конкретни решенија.