Премиерот Груевски се сретна со претседателот на Кинескиот совет за промоција меѓународната трговија

Претседателот на Владата на Република Македонија, г-дин Никола Груевски и владината делегација денеска (понеделник, 14 мај 2012 година) остварија средба со г-дин Фанг Џи Феи, претседател на државниот Кинески совет за промоција на меѓународната трговија.

На средбата беа истакнати добрите политички односи меѓу двете земји и интенцијата и заложбата за интензивирање и динамизирање на економските односи. Во таа насока беше разговарано за зголемување на економската соработка и трговската размена. Посебен акцент беше ставен на опциите за реализација на кинески инвестиции во нашата земја.

Премиерот Груевски ги претстави поволностите и можностите кои нашата земја ги нуди за отворање и реализација на бизнис. Се осврна и на поддршката која Владата ја овозможува на компаниите кои решиле да инвестираат или веќе имаат инвестиција во Македонија и реализираат бизнис.

Претседателот на Кинескиот совет за промоција на меѓународната трговија Џи Феи позитивно ги оцени мерките и активностите на македонската Влада за промоција на нашите економски интереси и поддршка на инвестициските опции, и тоа во поглед на целисходноста на таа поддршка преку ниските даноци и даночни ослободувања, поволностите кои се нудат во техничко-индустриските развојни зони и останатите бенефиции кои ги нуди нашата земја. Тој изрази сериозен интерес за продлабочување на соработката и за дополнителни и унапредени комерцијални и технички анализи на определени проекти.

Двете страни се задржаа на проекти од областа на енергетиката, инфраструктурата, информатичката технологија и останатите лесни индустрии.

Заради продлабочување на процесите, директорот на Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот, Висар Фида и претседателот на Кинескиот совет Џи Феи потпишаа Меморандум за соработка помеѓу двете институции. Овој документ овозможува дополнителни опции за продлабочување на контактите, можности за интензивирање на соработката, размена на искуства и контакти помеѓу трговските субјекти од двете земји, како и платформа за унапредување на односите меѓу двете институции на сите полиња од заемен интерес.

Во текот на денот, премиерот Никола Груевски, вицепремиерот Владимир Пешевски, министерот Веле Самак и директорот Висар Фида ќе присуствуваат и ќе се обратат на бизнис форум кој го организира Кинескиот совет за промоција на меѓународната трговија, а предвидена е и посета и средба со менаџерскиот тим на Кинеската хидроенергетска компанија.