Груевски на бизнис форум во Пекинг - Кинеските компании преку Македонија без бариери до европските пазари

Претседателот на Владата на Република Македонија, Никола Груевски, вицепремиерот Владимир Пешевски, министерот за странски инвестиции Веле Самак и директорот на Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот Висар Фида, денеска(понеделник,14.05.2012 година), во Пекинг, присуствуваа и се обратија на бизнис форумот за промоција на поволностите и инвестициските можности кои Македонија ги нуди за реализација на бизнис.

Форумот беше организиран од страна на државниот Кинески совет за промоција на меѓународната трговија и соработка, тело кое има ингеренции за реализација на крупни меѓународни проекти од областите на трговијата, инфраструктурата, енергетиката и индустријата, и чии моментални инвестициски проекти изнесуваат над 30 милијарди долари. На бизнис форумот присуствуваа над 140 претставници на кинески компании.

Заблагодарувајќи се за интересот на кинеските компании да слушнат за  нашите можностите, претставувајќи ја нашата земја, премиерот Груевски во својот говор се осврна на основните карактеристики на економско инвестициските политики. “Република Македонија е мала европска економија, но таа е во подем и спроведува брзи реформи, а и значително ја прошири својата меѓународна трговија и финансиска интеграција. Со следењето на амбициозна реформска агенда, нашата стратегија за развој почива на три главни столба: поголема изложеност на глобализацијата; создавање средина погодна за водење бизнис и значителни инвестиции во човечкиот капитал”, истакна премиерот Груевски.

Претседателот на Владата, акцентирајќи ги либерализираниот пазар и процедурите за брзо отворање компанија за кои сме рангирани на шесто место на светската ранг листа, посебно се осврна на можностите и компаративните предности кои Македонија ги нуди на кинеските компании кои би реализирале бизнис во нашата земја. “Важно е да се напомене дека имајќи во предвид дека во многу европски земји постојат тарифни и нетарифни ограничувања и бариери  за кинеските компании и производи, важно е да се истакне дека во Македонија не постојат никакви специјални бариери. Компаниите кои ќе се лоцираат кај нас со интенција да го покријат европскиот пазар, можат да го извезуваат своето производство кое го направиле во Република Македонија на европските пазари без никакви тарифни и нетарифни ограничувања” истакна премиерот Груевски.

Претседателот на Кинескиот совет за промоција на меѓународна трговија и соработка, Фанг Џи Феи, во своето обраќање пред присутните изрази задоволство од зголемувањето на македонско-кинеската економска соработка. “Во интерес на напорите за засилување на бизнис врските помеѓу нашите две земји, кинеската влада дава голема поддршка и поткрепа на кинеските компании за реализација на можности за бизнис со македонските компании. Познати компании како што се Синохидро, Кинеската комуникациска и енергетска компанија, Хајер, и други кинески компании или веќе прават или се заинтересирани пред за правење бизнис во Македонија, и тоа во областите на инфраструктурата и транспортот, и имаат добар прогрес” изјави во говорот Џи Феи.

Вицепремиерот Пешевски во својата презентација се осврна на макроекономските индикатори, и можноста за реализација на конкретни проекти од областа на енергетиката и туризмот.

Министерот Веле Самак во обраќањето ги акцентираше инфраструктурните проекти и даночните олеснувања и ослободувања. Директорот Висар Фида се осврна на поволностите кои се нудат во технолошко- индустриските развојни зони, уредувањето на градежното земјиште и обезбедувањето на приклучок до енергенси.

Претходно владината делегација предводена од премиерот Груевски оствари посебна средба со претставниците на Кинескиот совет за промоција на меѓународната трговија и соработка, при што беше потпишан Меморандум за соработка и поддршка помеѓу македонската Агенција за привлекување странски инвестиции и промоција на извозот и Кинескиот совет.