Денеска претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски на заедничка прес-конференција со министерот за економија, Крешник Бектеши и директорот на ЕСМ, Васко Ковачевски информираа за реализацијата на одлуката за субвенционирана струја за компаниите од прехранбената индустрија, основните и средни јавни училишта и претпријатијата од областа на водостопанството. Според податоците од ЕСМ, за помалку од еден месец за субвенционирано снабдување со струја се пријавиле 233 основни и средни јавни училишта, 50 јавни претпријатија од областа на водостопанство, собирање и одведување на урбани отпадни води и прочистување на отпадни води кои работат со пумпни или пречистителни станици и од категоријата на физички и правни лица регистрирани во прехранбениот сектор, се пријавиле 235 субјекти.
Во продолжение е интегралното обраќање на премиерот Ковачевски:
„Ви благодарам за присуството на денешната прес-конференција, ова е дел од редовните прес-конференции кои ги имаме во Владата и кои ги ветивме.
Ве информираме за операционализацијата на владината одлука со која се обезбеди субвенционирана цена за струја за прехранбената индустрија, училиштата и водостопанствата кои работат со пумпни станици.
Ветивме дека никој нема да биде оставен сам да се справува со последиците од кризата оваа зима и дека посветено ќе работиме на изнаоѓање на решенија. И тоа го правиме секојдневно.
На седница на Влада пред неколку недели, беа донесени неколку важни одлуки со кои се обезбеди евтина струја за неколку категории корисници за непречено функционирање на виталните институции и во услови на ваква голема енергетска криза.
Одлуките кои ги донесовме се следни:
Поевтина струја од 80 евра по мегават/час за компаниите кои вршат производство на основните прехранбени производи. Владината одлука се однесува на компаниите кои што произведуваат производи - масло за јадење, леб и пекарски производи, брашно, млеко и млечни производи, месната и живинарската индустрија.
Крајното влијание од оваа мерка ќе е стабилизирање и намалувањето на цените на финалните производи со кое веќе и се намалуваат во дел од индустриите.
Со одлуката беа опфатени и на основните и на средните училишта. За да имаат непречено и сигурно снабдување со електрична енергија, основните и средни јавни училишта овозможивме да склучат договор за снабдување со „ЕСМ Продажба“, по цена од 95 евра по мегават/час.
Можност за снабдување со електрична енергија од ЕСМ обезбедивме и за јавните претпријатија од областа на водоснабдување и одведување на отпадни води кои работат со пумпни и пречистителни станици. Ова се направи со цел да обезбедиме непречено функционирање на овие витални функции во локалните самоуправи и цената за оваа намена ќе е 95 евра по мегават/час.
Заклучно со вчера траеше рокот за пријавување за сите оние кои сакаат да почнат да ја користат оваа повластена цена од 1 декември. За оние кои ја искористија таа можност и се пријавија АД ЕСМ преку „ЕСМ Продажба“ од 1 декември ќе почне со снабдување на трите категории потрошувачи опфатени со одлуката на Владата за субвенционирана струја.
Од 474 јавни основни и средни училишта во државата, за субвенционирано снабдување се пријавиле 233, од сите градови.
Од 70 јавни претпријатија од областа на водостопанство, собирање и одведување на урбани отпадни води и прочистување на отпадни води кои работат со пумпни или пречистителни станици се пријавиле 50 субјекти.
Од категоријата на физички и правни лица регистрирани во прехранбениот сектор, се пријавиле 235 субјекти.
Субјектите кои не успеале да поднесат комплетни документи, во следниот период ќе можат да го сторат тоа и ќе бидат ставени на субвенционирано снабдување од 1 јануари. За ова и за другите детали за операционализацијата, тука е директорот на ЕСМ, Васко Ковачевски, тој ќе ве информира подетално.
Она што сакам да го напоменам е всушност пораката дека ние како Влада, како одговорна влада која покажа дека одговорно менаџира со буџетот во време на криза, остануваме посветени на поддршката на граѓаните и компаниите. И кога велам дека никој нема да биде оставен сам, јас стојам зад тоа.
Ние досега на повеќе пати покажавме дека со тој одговорен пристап изминатиов период успеавме да ги вратиме парите назад кај граѓаните кога е тоа најмногу потребно. Со тој одговорен пристап ние успеавме да обезбедиме два пакети антикризни мерки за заштита на најранливите граѓани и поддршка на ликвидноста на компаниите во вредност од над 760 милиони евра. Токму затоа можевме да обезбедиме и ликвидност на компаниите со што ги заштитивме работните места, а и континуирано да обезбедуваме до 80% субвенционирана струја, како и евтина струја за да има непречено функционирање на виталните функции на државата. Токму затоа, можевме да ги донесеме и овие одлуки за кои денес тука разговараме.
Ваквото одговорно однесување, изминатиов период обезбедивме и зголемување на минималната плата на 18.000 денари, зголемување на пензиите, на платите во образованието, во полицијата, во здравството, обезбедивме континуирано зголемување на просечната плата која за прв пат е над нивото од 32.000 денари.
Со истиот овој одговорен пристап работиме и на обезбедување инвестиции, бидејќи во овие тешки времиња, најдобриот начин на кој можеме да се избориме со кризата е во Северна Македонија да отвориме и обезбедиме што е можно повеќе работни места за нашите граѓани. Најдобриот начин како да се избориме со високите трошоци за живот е да донесеме подобро платени работни места во индустриите на иднината, кои се поддржани од оваа Влада.
Изминатиов период присуствував на отворање на неколку нови инвестиции како што беше вчерашната од 9,2 милиони евра на германската компанија „Кил Македонија“ во ТИРЗ Тетово. Тоа е само показател дека и во услови на криза се реализираат големи инвестиции. Само од новите инвестиции кои ги објавивме изминативе месеци се отвораат нови над 1.700 работни места. Да бидам попрецизен од заедничката инвестиција на „Јангфенг“ и „АРЦ Аутомотив“ се отвораат 100 нови работни места, од втората фабрика на американската компанија „Кемет Електроникс“ во ТИРЗ Скопје предвидени се нови 360 вработувања, а канадската „МАГНА“ во зоната во Струга со над 1.000 вработувања. Во турската компанија „ТЕКНОПАНЕЛ“ ќе се отворат 120 нови работни места, а во новата инвестиција на германската Кил Македонија во ТИРЗ Тетово се отвораат нови 150 вработувања. Инвестиции во сите зони, во сите региони се наша цел, кризата да ја пребродиме со нови фабрики и нови вработувања.
Напорната работа секогаш носи резултати и верувам дека со овој пристап од кризата ќе излеземе заеднички и солидарно и дека од наредната година, ќе биде подобро. Нема да должам повеќе, оставам на министерот за економија, Бектеши и на директорот на ЕСМ, Ковачевски да ве запознаат со деталите и ефектите од одлуката.“