Едицијата од 130 тома промоворина во Лондон за крај на Деновите на македонската култура

Насловите од едицијата „130 тома македонска книжевност“ од денеска се достапни за заинтересираните студенти на Универзитетскиот колеџ во Лондон, каде што попладнево беа промовирани во рамки на Деновите на македонската култура.

- Голема е честа и задоволството што во Универзитетскиот колеџ во Лондон, на кој образование стекнале голем број нобеловци, меѓу кои и поетот Рабиндранат Тагоре, денеска го промовираме проектот „130 тома македонска книжевност на англиски јазик... кој го претставува и мултикултурниот профил на севкупната македонска книжевна сфера, истакна министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска.

Според проф. Венко Андоновски,  овој настан е голем подвиг за македонската култура во Велика Британија.

- Не затоа што тие книги ќе бидат премногу читани или премногу барани, меѓутоа самиот настан означува крупен културен подвиг. Кога преведуваме дела, ние преведуваме култури и да се преведе една култура на јазикот на друга култура значи да се направи продор на една култура во друга. Македонската култура конечно на англиски добива еден свој простор, барем по библиотеките, униерзитетите и на местата каде што може да се позајми книгата. Мислам дека тоа не е мал чекор за нашата култура, рече Андоновски.

На промоцијата во Универзитетскиот колеџ присуствуваше и директор во Британската библиотека, кој побара примерок од едицијата да биде доставен и во нивната институција.

Беше прочитана „ Т’га за југ“ на англиски и други извадоци од преведените дела. Присутните потоа се интересираа како се избрани делата и авторите во едицијата и отворија дискусија за значењето на преводот во литературата. На нивните прашања одговараа учесниците на промоцијата меѓу кои беше и македонистот Греам Рид, автор на преводот на англиски на неколку наслови во едицијата.

За важноста на преводот и неговата мисија во зближувањето на културите зборуваше директорот на Универзитетскиот колеџ Робин Ајзелвуд.

- Преводот е многу важен за книжевноста. Тој е мост меѓу писателот, неговото дело и читателот, мост за дијалог меѓу културите, рече Ајзелвуд.

Литературната промоција беше последна содржина на манифестацијата Денови на македонската култура во Лондон, која почна на 3 мај со концертот на Симон Трпчески во Ројал фестивал хол.

Британската јавност имаше можност од 6-ти до 12 мај да ги види и делата на 13 современи македонски уметници во галерија во центарот на Лондон, фолклорниот ансамбл на Стефче Стојкоски ја претстави изворната музика, а Битолскиот театар ја одушеви публиката со двете изведби на третиот дел од „Хенри Шести“ во Шекспировиот театар Глоуб.

- Претставувањето на македонската култура во Лондон е комплексен проект и е од огромно значење за нашата држава, за уметниците и за промоцијата на културата. Сите настани кои беа деновиве во Лондон имаа голем одек. Тоа е од големо значење за отворање на вратите за нашите уметници, за нивните натамошни контакти во светот, изјави министерката Канческа-Милевска.