Потпишан Меморандум за соработка на МВР и ФДУ

Министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и деканот на Факултетот за драмски уметности (ФДУ) од Скопје, Лазар Секуловски денеска во Центарот за обуки при Бирото за јавна безбедност на МВР во Идризово потпишаа меморандум за соработка, во рамки на реализација на новата фаза напредни обуки за имплементација на новиот Закон за кривична постапки.

Целта е, нагласи Јанкулоска, преку соработка со ФДУ да се премине од досегашниот интерактивен начин на обука кон своевидна напредна обука, во која со помош на изработени и применети интегрални и повеќеслојни сценарија ќе се долови една целосна автентичност на постапките и процедурите во амбиент на симулирана реалност. Притоа, појасни таа, со таквиот симулиран пристап од страна на студентите на ФДУ, полициските службеници ќе можат непосредно и подетално да ги следат постапките и процедурите при излегување на место на настанот, обезбедување на лице место, вршење увид, испитување сведоци, па се до сценарија за одржување главна расправа и испитување во доказна постапка, а сето тоа согласно одредбите во новиот Закон за кривична постапка. Во таа насока, во Центарот за обуки беше изведена вежба по однапред изработено сценарио - грабеж на менувачница.

Во врска со новиот ЗКП, Јанкулоска посочи дека модернизираната кривична постапка, усогласена со европското законодавство, ќе овозможи да се зајакне ефикасноста на кривично-правниот систем, особено при гонење на разните видови сериозен криминал, корупцијата, финансискиот криминал, недозволената трговија со дрога и со луѓе и другите облици на организиран криминал.

Во моментот, од вкупниот број на околу 7.500 полицајци, колку што е предвидено да бидат опфатени со овој најобемен досега проект на МВР, низ двете нивоа на едукација и обуки на локално и на централно ниво, минале над 3.700 полициски службеници, од кои 270 на разни раководни позиции.

- Во оваа фаза од обуката, во рамки на која е предвивдено да учествуваат 200 полициски службеници, направен е еден инвентивен чекор, преку предвидената тесна соработка на Центарот за обуки при МВР и ФДУ, да се симулираат што поавтентично разните нормативни процедури и постапки од новиот ЗКП, рече Јанкулоска, изразувајќи уверување дека таквиот пристап уште повеќе ќе не доближи не само до разбирањето на суштината на законот, туку и до практичната негова примена.

Амбасадорот на САД, Пол Волерс, кој беше присутен на настанот, посочи дека Американската амбасада дава поддршка за континуираната обука. Според него, обуката е продолжение на постигнатиот напредок во рамки на спроведувањето на Законот и гонењето на кривичните случаи во Македонија.

- Обуката заедно со вашето познавање на новиот ЗКП ќе обезбеди легитимна и ефикасна примена на новиот ЗКП против лицата обвинети за кршење на македонските закони, е пораката од Волерс. Новиот ЗКП, подвлече, посветува внимание на тимското работење на сите и на полицијата и на обвинителите, кои ќе соработуваат од самиот почеток на водењето на истрагата се до главниот судски претрес. ЗКП, нагласи, го зголемува и учеството на одбраната, со цел да се обезбеди правичност во гонењето на обвинетите.