Тодоров: Почнува објавувањето огласи за вработување на 200 здравствени работници во ЈЗУ

Од утре почнува објавувањето огласи за вработување на 200 здравствени работници во јавните здравствени установи. Владата на последната седница донесе одлука за обезбедување  дополнителни 200 согласности за вработување на здравствените работници во ЈЗУ во Македонија.

Ова денеска на прес-конференција го истакна министерот за здравство Никола Тодоров кој рече дека на овој начин за помалку од шест месeци Владата донела одлука за одобрување на 400 согласности за вработување на здравствени работници во ЈЗУ во Македонија.

- Сведоци сме на фактот дека долг временски период воопшто не е водено сметка за човечките ресурси во ЈЗУ и има недостиг на кадар. Имајќи го предвид тоа, Владата се одлучи на два пати да обезбеди 200 согласности за вработување односно да отвори 400 нови работни места во ЈЗУ. При вработувањето на 400 лица ќе има нови критериуми кои досега не биле случај и првпат ќе почнат да се применуваат. Тоа е членот 160 од Законот за здравствена заштита, кој детално предвидува кој ќе биде начинот на вработување на здравствени работници, потенцира Тодоров.

Прв критериум, истакна тој, е просекот кој го имаат здравствените работници со високо образование и тој носи 40 бода, а вториот, кој носи 60 бода е поделен на два подкритериуми.

- Тоа е полагање стручен дел кој носи 40 бода и познавање на еден од светските јазици-англиски, германски или француски, кој носи 20 бода. На овој начин првпат ќе ја спроведеме оваа процедура за прием на здравствените работници и очекуваме дека ќе бидат вработени оние кои се најспособни, најкомпетентни и со најголемо знаење. Со овој бран вработувања предвидуваме да обезбедиме предност за оние кои имаат положено тест од Американската програмата за лиценцирање за вршење здравствена дејност, рече Тодоров.

Според него, станува збор за тест кој е исклучително тежок и сите кои го имаат положено имаат добра претпоставка дека имаат голем квалитет на знаење од областа на медицината.

Тој ги повика сите здравствени работници кои се чувствуваат компетентни, кои веруваат во нивото и квалитетот на своите знаења да аплицираат на првите, како и на вторите 200 нови работни места.

- За вторите 200 вработувања повеќе ќе бидеме фокусирани на зајакнување на здравствените домови во еден дел, односно зајаканување на итната медицинска помош и тимовите за вакцинација бидејќи констатиравме сериозен недостиг, нагласи Тодоров.

Одговарајќи на новинарско прашање истака дека првите 200 вработувања во најголем дел се распределени на секундарно ниво - во Старата и Новата градска болница во Скопје, во Здравствен дом-Скопје, во клиничките болници во Штип, Битола, Тетово и во други општи болници како што се Велес, Струмица, Гостивар, Куманово итн.

Нема да се вработува административен персонал, рече Тодоров и додаде дека во овие 400 вработувања, 60 проценти се лекари, а 40 проценти се медицински сестри.