Заменичката на претседателот на Владата на Република Северна Македонија, задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска денеска заедно со e-Governance Академијата од Естонија организираше вежба за проверка на нашите капацитети за управување со кризи поврзани со сајбер напади.
„Ова е вежба која ќе ни помогне на сите да ја унапредиме свесноста за потребата на воспоставување на систем кој ќе ја подигне сајбер безбедноста на нашите институции и ќе ни помогне подобро да ги дефинираме улогите, одговорностите и механизмите за координација меѓу релевантните организации – во случај на сајбер напади. Сајбер нападите сé повеќе претставуваат реалност и во нашата земја, бројот на истите за жал се зголемува, особено по нашето членство во НАТО и како што се доближуваме до пристапување кон Европската Унија. Со тоа, ургентна е и нашата улога, брзо да се адаптираме на НАТО и ЕУ стандардите за Сајбер безбедност и да изградиме инфраструктура и современи протоколи, кои во иднина ќе нé заштитат од нападите, ќе ги заштитат нашите системи и нашите граѓани“, изјави вицепремиерката Грковска.
Вицепремиерката истакна дека ние како земја имаме многу направено во поглед на напредување во стандардите за сајбер безбедност и изрази надеж дека во следниот период ќе направиме уште неколку значителни чекори кои ќе нé доближат до ЕУ нормативите за сајбер безбедност.
На вежбата присуствуваа претставници и ИТ експерти од сите министерства во Владата на Република Северна Македонија, од Генералниот секретаријат на Владата, како и од Агенцијата за електронски комуникации.
Таа упати благодарност до партнерите, естонската Влада и e-Governance академијата од Естонија, за досегашната поддршка.
Според неа, ова е вежба која ќе помогне во иднина полесно да се справуваме со овие предизвици и да им направиме да им биде посложено или невозможно на сајбер напаѓачите да допрат до нашите институции, нашите системи и датабази.