Промоција на македонски вина во кинескиот град Ченгду

Владината делегација предводена од заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања, г-дин Владимир Пешевски, во која се и министерот задолжен за привлекување странски инвестиции, г-дин Веле Самак и директорот на Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот, г-дин Висар Фида, денеска(вторник 15.05.2012 година), во рамките на економската турнеја за промоција на македонските производи на странски пазари и промоција на инвестициските можности и поволностите кои Република Македонија ги нуди на странските инвеститори, организираше промоција на македонски вина од девет македонски винарии во кинескиот град Ченгду. Владината делегација во Ченгду присуствуваше и на бизнис форум на кој имаше обраќање пред присутните.

Особено внимание предизвика организираниот настан од страна на Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот, во соработка со македонската амбасада во Кина, за промоција на македонските вина пред кинеските компании и власти, на кој беа промовирани девет македонски производители на вино, и нивните производи. На презентацијата, обраќајќи се пред повеќе од 70 претставници на кинески дистрибутери на вино, вицепремиерот Пешевски ги истакна добриот квалитет и традицијата на производство на вино во Македонија, и целисходноста од интензивирање на контактите на компаниите од двете земји кои се занимаваат со дејноста на производство и трговија со вино. Кинеските компании за дистрибуција на вино беа задоволни од дегустацијата, и позитивно ги оценија македонските производи. Фу Сјуе Ју, претседател на кинеска дистрибутивна винска компанија, која за потребите на Кина увезува вино од целиот свет, и која има повеќе од 600 дистрибутивни единици, изрази сериозен интерес за продлабочување на соработката со македонските компании, и ја истакна целта за склучување на договори за соработка и откуп на вино од македонските винарии, за која цел во идниот период, во блиска иднина, ќе остварат посета на Република Македонија заради финализирање на процесите и процедурите.

Во своето обраќање на бизнис форумот, на кој присуствуваа над 150 кинески компании,  вицепремиерот Пешевски се осврна на конкретни проекти од областа на инфраструктурата и енергетиката, презентирајќи ги можностите и изгледите за профитабилноста од квалитетна реализација на бизнис идеите на потенцијалните инвеститори во Република Македонија. Специјален осврт беше даден на активностите кои Владата ги презема за развој на туризмот, особено поволностите кои се нудат во туристичко-угостителските развојни зони на бреговите на езерата во нашата земја.

Министерот Веле Самак ги акцентираше предностите за инвестиции во Македонија, кои се содржат во ниските даноци, даночните ослободувања, поддршката која државата ја дава во индустриските зони, и ги истакна поволностите за кинеските компании за покривање на европските пазари преку отворање на капацитети во Македонија.

Директорот на Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот, Висар Фида се задржа на опциите за инвестирање во областа на автомобилската и фармацевтската индустрија и инвестициските можности во земјоделскиот сектор. Посебен осврт беше даден на владиниот проект за отворање на 150 нови винарии под поволни услови.

Владината делегација оствари средби и со г-дин Ган Лин, вицегувернер на кинеската провинција Сечуан, во која се наоѓа градот Чендонг, и со претседателот на Стопанската комора на Чендонг, г-дин Ли Ганг. Двајцата кинески функционери дадоа поддршка на напорите за реализацијата на бизнис соработка помеѓу компаниите и ги охрабрија кинеските компании да ја интензивираат соработката со македонските фирми и да ги искористат поволностите кои ги нуди нашата земја.