Во установата „25 Мај“ пуштен во употреба реновираниот оддел за опсервација и дијагностика

Во јавната установа за згрижување деца со воспитно-социјални проблеми „25 Мај“ во скопската општина Бутел денеска беше пуштен во употреба реновираниот Оддел за опсервација и дијагностика.

Одделот е реновиран со финансиска помош од Британската Бизнис група во Македонија и Британската детска академија, како и со средства собрани од хуманитарниот настан „Големата британска гала вечера“ што се одржа под покровителство на принцот Мајкл од Кент.

Според министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски, се работи за најбитниот дел од установата затоа што првиот момент кога децата доаѓаат се соочуваат со овој оддел.

- Нашата идеја беше да се овозможи многу покалитетен пристап на самите деца затоа што од тој момент започнува нивното функционирање во установата. Многу е поедноставно кога ќе наидат на подобри простории во кои ќе бидат прифатени и потоа врз основа на дијагностиката ќе биде определено во кој дел ќе бидат распределени, изјави Ристовски на свеченото пуштање во употреба на Одделот за опсервација и дијагностика.

Претседателот на Британската бизнис група Рејмонд Пауер изрази благодарност до сите компании кои помогнале во реализирањето на овој проект. - Особено сме почестени што можевме да го направиме ова и сме задоволни од соработката и партнерството со Владата кое овозможува да продолжиме да реализираме вакви проекти, рече Пауер. 

Директорот на јавната установа за згрижување на деца со воспитно-социјални проблеми Стевче Соколовски оцени дека со реновираниот оддел кој понатаму ќе се доопремува по желба на децата се создава семеен амбиент кој позитивно ќе влијае на однесувањето на децата и нивното прифаќање на животот во установата.

Во установата „25 Мај“ има капацитет за згрижување на 90-тина деца на возраст од 7 до 18 години, а во моментот во неа има 40-тина деца.