Премиерот Димитар Ковачевски и министерката за одбрана Славјанка Петровска денеска го образложија предлог – Буџетот на одбраната за 2023 година, кој бележи континуирано зголемување и овозможува развој на одбранбените капацитети, модернизација, унапредување на стандардот на припадниците на Армијата и зацврстување на националната и колективната безбедност.
Премиерот Ковачевски истакна дека за 2023 година предвиден е буџет за одбрана кој ќе придонесе за развој и модернизирање на одбраната согласно стандардите на земја членка на НАТО.
„Развојот во одбраната ќе придонесе за посовремена безбедност во однос на заканите кои ни ги носат геостратешките предизвици, а за кои имаме обврска да ги заштитиме нашите граѓани. Третина повисок буџет во одбраната значи влог во мирот и стабилноста на луѓето, а тоа е непроценливо", истакна Ковачевски.
„Буџетот за одбраната е инвестиција во својата држава, во нашите граѓани и во нашата заедничка безбедност“, рече министерката за одбрана Петровска.
Буџетот за одбраната изнесува 274 милиони евра, што е 1,85% од БДП и е поголем од буџетот за 2022 година за 24,45 проценти.
„И оваа година покажуваме дека ги почитуваме обврските и стандардите кои сме ги прифатиле како земја членка на НАТО. Продолжуваме со динамиката на зголемување, а во 2024 година ќе го реализираме она што го презедовме како обврска, а тоа е во 2024 година издвојувањето за одбраната да изнесува 2% од БДП. Задоволство ми е да ве информирам дека со предложениот буџет за 2023, за опрема и модернизација издвоивме 33% од буџетот“, истакна министерката.
Средствата за опремување и модернизација на Армијата се зголемени за 6 проценти во однос на овој дел од буџетот за 2022 година. Тука спаѓаат набавките на лесни оклопни возила JLTV и STRYKER, системот за противвоздушна одбрана, набавка на информатичка опрема, опрема за сајбер одбрана и други средства, а главен фокус е опремувањето и подобрувањето на условите за работа на Лесната пешадиска баталјонска група, нашата НАТО единица. Продолжуваме и со исполнување на сите тековни логистички потреби на Армијата – набавката на чизми, униформи, спортска и алпинистичка опрема, материјални средства и муниција за обуки и вежби.
Во одбраната продолжува и реконструкцијата на објекти и инфраструктура на Армијата, информираше министерката, и тоа со 10 милиони евра повеќе од 2022 година.
„Во буџетот се предвидени 16 милиони евра за реконструкција на објекти и инфраструктура во Министерството за одбрана и Армијата. Фокусот го ставаме на развој на концептот за ЕКО одбрана, односно воведуваме повисоки еколошки стандарди во одбраната. Тоа ќе го направиме преку вложување во енергетска транзиција и во модерни и енергетски ефикасни објекти. Нашата главна цел е да извршиме комплетна промена во начинот на греење на касарните, и наместо загадувачки енергенси да се префрлиме на најмалку загадувачки енергенси. Гасификацијата на касарните ќе придонесе кон зачувување на животната средина“, рече Петровска.
Министерката истакна дека во 2022 година завршени се 15 проекти за реконструкција и реновирање на објекти, додека за 2023 година се планираат 28 вакви проекти низ поголем број касарни во државата и на полигонот „Криволак“.
Средства се предвидени и за подобрување на стандардот на припадниците на Армијата – повисоките плати согласно измените во Законот за служба во Армијата, месечниот надоместок за станарина кој сериозно ги надополнува домашните буџети на припадниците на Армијата како и можноста за отпремнина на професионалните војници по навршување на 45-тата година старост во висина од 20-25 илјади евра.
Во буџетот за 2023 година планирани се средства за новите 200 војници чиј прием ќе заврши до крајот на годинава, како и за нови 300 професионални војници, 60 офицери и 120 подофицери.
Следната година се планира и учество во повеќе мисии на НАТО, Обединетите Нации и Европската Унија и тоа со вкупно 226 припадници на Армијата или 111 повеќе од 2022 година.
Министерката за одбрана Петровска порача дека Северна Македонија денеска има модерна, силна НАТО Армија која може да се соочи со сите предизвици и на која граѓаните можат да се потпрат и дека инвестициите во луѓето, опремата и развивањето на способностите продолжуваат.