Медијацијата во Македонија малку се користи

Македонија во изминативе пет и полгодини откако е воспоставен системот на медијацијата не може да се пофали со позначајни резултати, туку напротив се соочува со значителни предизвици во функционирањето на системот, истакна министерот за правда Блерим Беџети денеска на тркалезната маса „Медијацијата во Република Македонија – како понатаму?“.

- Бројот на предметите каде медијацијата е испробана е исклучително низок, а бројот на успешно завршени медијации е минорен, рече министерот и додаде дека ова е забележано и во последниот извештај за напредокот на Република Македонија на Европската комисија.

Во правец на лоцирање на препреките за успешно заживување на медијацијата во Македонија, Беџети ја посочи потребата од натамошно анализирање на релевантното законодавство, како и негова имплементација.

- Конечниот ефект кој се очекува од проектот е создавање нормативна и институционална средина поволна за одржлив развој на медијацијата во Македонија, што ќе резултира со зголемен број предмети решени на овој начин, нагласи Беџети.

Тој посочи дека воспоставувањето и унапредувањето на медијацијата како сигурна и ефикасна процедура за решавање на споровите ќе ја зајакне правната средина за бизнисот.

Во насока на утврдувањето на слабостите во постојните легислативи и институционални механизми за медијација, како и за зголемување на капацитетите за медијацијата во февруари годинава започна реализацијата на проектот „Поддршка за унапредување на имплементацијата на медијацијата во Македонија“.

- Наша обврска е да ги смогнеме заедно сите сили во правец на создавање функционален систем на медијација, кој ќе овозможи побрз, поефикасен и поекономичен пристап до правдата со што македонското правосудство ќе се приближи до стандардитен на земјите на ЕУ, истакна Беџети.

Амбасадорката на Кралството Холандија Мариет Шурман посочи дека во Холандија има повеќе од 5.000 регистрирани медијатори и дека преку примената на медијацијата се решаваат илјадници случаи, од кои 25 отсто во рок од пет часа, а 35 отсто во рок од пет до 10 часа.

Таа додаде дека инволвираноста на Холандија во областа на медијацијата во Македонија датира од 2005 година со финансирање на регионален проект во Балканот за да се основа и промовира медијацијата како алтернативна метода за решавање спорови.

Врз основа на податоците од истражувањето „Перцепцијата и ставовите на медијаторите за медијацијата во Република Македонија“, кое го спроведе Институтот 4Р од Скопје во март година може да се заклучи дека информираноста на целокупното население за медијацијата и за нејзините можности во решавање на споровите е најмала.

- Од вкупниот број анкетирани 87 медијатори, 57 од нив оценуваат дека јавноста не е информирана за медијацијата, рече Славе Младеновски од Институтот 4Р од Скопје. Според медијаторите, како што додаде тој, судиите и обвинителите се најмногу информирани за медијацијата.

Пратеничката Бладородна Дулиќ посочи дека во Македонија недостасува промоција на медијацијата преку медиумите и преку Комората на медијатори, затоа што мал број на граѓани знаат под кои услови и на каков начин спорот можат да си го решат по пат на медијација.

Законот за медијација во Македонија беше донесен во 2006 година со цел да се намали бројот на судските предмети и да се растовари судството од непотребните предмети.

По неколкуте спроведени обуки од Министерството за правда на Република Македонија досега се доделени сертификати за медијатори на 177 лица, од кои 166 се запишани во Именикот на медијатори и организирани во Комората на медијатори.

Тркалезната маса се одржува во рамки на МАТРА Проектот, а е организирана од Министерството за правда и Институт за европска политика (ЕПИ), со поддршка од Амбасадата на Кралството Холандија.