Е-потсетник, нов проект на МИОА за известување на граѓаните за услуги од институциите

Преку електронска пошта или СМС граѓаните  најдоцна за шест месеци ќе имаат можност да добијат  потсетување за достасување на обврската за вршење одредена административна услуга од пет институции, предвидува проектот „Е-потсетник“  на Министерството за информатичко општество и администрација.

За спроведување на проектот МИОА денеска почна постапка за јавна набавка, која ќе трае 26 дена. Ќе се спроведува преку порталот електронски јавни набавки,  по пат на лицитација. Почетната цена за изработка на ИТ решението е 50.000 евра,  но  од Министерството  очекуваат голем  интерес од  компаниите и  пониска цена.

- Овој проект е последователен чекор на заложбите на Владата и МИОА за олеснување на административните постапки и олеснување на работата на граѓаните со државните институции, рече на прес-конференција министерот за информатичко општество и администрација Иво Ивановски.

Е-потсетник во прва фаза треба да нуди приоритетни услуги утврдени врз основа на анализа од  Министерството за економија, Управата за водење матични книги и од агенциите за државни патишта, за вработување, и за финансиска помош на земјоделството и руралниот развој. Услугите ќе бидат достапни најдоцна за шест месеци до кога се очекува имплементација на проектот.

За да може граѓаните да добиваат известувања потсетници ќе треба да се регистрираат преку веб портал за таа намена или да достават писмено барање до институциите од кои сака да добива потсетници за секоја услуга поединечно.

Постапката за веб регистрација  подразбира внес на основни податоци  за идентификација, како корисничко име и лозинка и телефон за контакт(мобилен телефон, кој ќе биде ностител на сметките за пратените пораки) и/или адреса на е-пошта на која ќе стасуваат пораките потсетници. По регистрацијата, на крајниот корисник му се нуди каталог со услуги од кој треба да ги одбере услугите за кои сака да биде потсетуван и каналот за секоја услуга (СМС или е-пошта).

Најдоцна за шест месеци системот треба да понуди потсетувања за услугите од Министерството за економија за лиценци за угостителска дејност во кабаре, ноќен  бар, диско клуб и диско клуб на отворен рпостор, за продажба на мало на алкохолни пијалоци, како и за решение за категроизација на хотели и ресторани. Од Управата за водење матични книги ќе има автоматизирани известувања за пријавување новороденче и за изготвени изводи од матична книга на родени, венчани и умрени, а од Агенцијата за вработување  за  издавање работна  дозвола за вработување странци и известување за изготвени работни дозволи за вработување странци. Ќе се испраќаат и потсетувања за  дозвола за поставување натписи и рекламни табли во заштитен појас на државни патишта, од страна на Агенцијата за државни патишта, како и услуга од Агенцијата за финансиска помош на земјоделството и руралниот развој за остварување право на користење финансиски средства.