Средба на вицепремиерката Арифи со државниот секретар за ЕУ во шпанското МНР

Вицепремиерката задолжена за европски прашања Теута Арифи, во рамки на работната посета на Кралството Шпанија, денеска оствари средби со државниот секретар за ЕУ во Министерство за надворешни работи на Шпанија Мендез де Виго и Монтојо, како и со членовите  на Постојаната комисија за надворешна политика и членовите на Мешовитата комисија за ЕУ во Конгресот на пратеници.

Како што соопшти Кабинетот на вицепремиерката, за време на средбите Арифи информираше за активностите и реализацијата на реформските процеси во државата, особено во однос на  клучните области посочени од Европската комисија, како што се судството, јавната администрација, слободата на изразување и други области. Во овие рамки Арифи се осврна и на важноста на Пристапниот дијалог на високо ниво, како и техничкиот дијалог за 23-то и 24-то поглавје кои претставуваат мотив повеќе за реализација на активностите од европската агенда. Арифи, меѓу другото, истакна дека Оперативниот патоказ во кој се дефинирани активностите за реализација на целите е доказ за посветеноста на Владата на процесот на европска интеграција.

На средбите се разговараше и за состојбите во регионот, регионалната соработка, како и односите со соседите и во тој контекст беше нагласено дека унапредувањето на регионалната соработка е од голема важност за целокупниот напредок на земјите од регионот.

Во текот на разговорите беше поздравен Пристапниот дијалог на високо ниво меѓу Македонија и ЕУ и изразена подготвеност за унапредување на билатералните односи и поддршката за европската перспектива на нашата земја.