Вицепремиерот Арифи се сретна со потпретседателот на Владата на Шпанија

Заменикот на претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за европски прашања, д-р Теута Арифи, во рамките на работната посета на Кралството Шпанија, денеска оствари средба со нејзиниот пандан потпретседателот на Владата на Шпанија Сораја Саенз де Сантамарија Антон.

За време на средбата вицепремиерот Арифи информираше за спроведувањето на реформите во насока на исполнување на критериумите за членство во Унијата. Меѓу другото, Арифи се осврна на значењето на Пристапниот дијалог на високо ниво меѓу Македонија и ЕУ како механизам кој ќе придонесе за посуштинска имплементација на реформите во петте клучни области опфатени со Пристапниот дијалог. На средбата стана збор и за потребата од унапредување на регионалната соработка, при што Арифи истакна дека Македонија се залага за градење на добрососедски односи и учествува во сите регионални иницијативи. Двајцата соговорници се согласија дека европската перспектива на земјите од Балканот значително ќе придонесе за стабилноста и економскиот напредок на целиот регион Потпретседателот на шпанската Влада ја потврди поддршката на Шпанија за членството на нашата земја во ЕУ.

Вицепремиерот Арифи, исто така имаше обраќање на Кралскиот институт „Елкано“ на тема: „Македонија и Европската унија”. Во своето обраќање Арифи истакна дека членството во ЕУ е стратешка определба на нашата земја, и дека Владата и останатите институции посветено работат на реализација на сите неопходни мерки и активности кои имаат за цел да не приближат до европските стандарди.