Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски, денеска на прес-конференција со заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ, говореа за текот на скрининг процесот за ЕУ интеграции.
Премиерот нагласи дека скрининг процесот се одвива со предвидено темпо и ја потенцираше важноста да се задржи динамиката во текот на целиот процес на преговори со ЕУ.
„До сега имаме квалитетни презентации во сите поглавја, a коментарите од страна на Европската комисија за досегашните презентации се одлични. Добар процент на усогласеност имаме во правната рамка, во носењето на закони, но секако остануваат отворени прашањата на кои треба во следниот период да се посветиме, а тоа се реформата во јавната администрација, механизмите за владеење на правото и борба против корупцијата. Овие теми ќе бидат отворени во текот на целиот преговарачки процес и затоа очекувам секоја институција да е на ниво на задачата и одговорно да пристапи кон овој процес. Ова е историски процес кој секоја држава го поминува само еднаш. Нашето законодавство е хармонизирано со законодавството со ЕУ и тоа над 45%. Северна Македонија, според бенџмарк анализите, е понапредна во одредени поглавја, од земји кои 10-тина години преговараат со ЕУ. Тој висок степен на усогласеност со европската регулатива и стандарди, е видлив и препознаен и од ЕК, за што треба да се гордееме сите“, рече Ковачевски.
Претседателот на Владата истакна дека фокусот на Владата е во спроведување на реформската агенда, а граѓаните да почнат да ги чувствуваат придобивките од преговорите со ЕУ.
„Билатералниот скрининг ќе донесе поголем поттик за реформи во земјата. Тоа е важен дел од процесот и потврда дека Северна Македонија се движи во вистинската насока.
На граѓаните им е потребен квалитетен живот, сигурност и стабилност. И овде нема ништо необично, ништо претерано, тоа се теми на дискусии на сите зрели европски општества со силни и ефикасни институции. Затоа е потребно да се забрза трансформацијата на општеството која ја носи процесот на преговори со ЕУ. Процесот на членство во ЕУ е сложен, но бара континуитет, силна волја, затоа да го направиме тоа, не поради Европската Унија, да го направиме поради нашите граѓани. Северна Македонија има целосна поддршка од Европската комисија за забрзување на темпото на пристапните преговори. Имаме силна поддршка од европските институции, од државите членки, од високите европски претставници. Нивното присуство кај нас и оддавање почит на нашата земја и народ е јасна порака дека имаме пријатели и сојузници во ЕУ и дека Северна Македонија ја гледаат како идна земја членка на Унијата. Сега се е во наши раце и подобриот живот на граѓаните, европската иднина на земјата, зависи од сите нас“, рече премиерот Ковачевски.
Премиерот повика на единство, потенцирајќи дека постигнувањето на заедничките национални и општествени цели мора да го стават пред политичките и идеолошките разлики.
„Некои одлуки треба да ги донесеме поради сите граѓани на Северна Македонија, нивната иднина е пред сите политички и идеолошките разлики“, рече Ковачевски.
Вицепремиерот Бојан Маричиќ говореше за текот на скрининг процесот.
„Првичните коментари од сите вклучени страни се позитивни, а оценката и клучните укажувања ќе ги добиеме во скрининг Извештаите, кои очекуваме да бидат подготвени што е можно побрзо од Европската комисија и одобрени од Советот. За Кластер 1, кој го завршивме пред нешто повеќе од месец дена, ќе барам скрининг Извештајот да биде доставен до нас во наредните 3 до 4 месеци, бидејќи тоа ќе ни помогне во подготовката на Патоказите за владеење на правото, за реформа на јавната администрација и функционирањето на демократските институции.
Дополнително, во рамки на Патоказот за владеење на правото, ќе треба да подготвиме и Акциски план за заштита на правата на припадниците на малцинствата и заедниците со мерки за недискриминација, борба против говор на омраза и образование. Ова се теми низ кои поминаа и во кои се подобруваа сите држави членки на ЕУ“, рече Маричиќ.
Маричиќ објасни дека со скринингот се добива прецизна, аналитичка презентација на состојбата во однос на усогласеноста на македонското право со европското.
„Ги нотираме недостатоците и ги дефинираме следните задачи на кои ќе треба да работиме за да ги постигнеме европските стандарди, во догледен рок, согласно определбата за членство во ЕУ во 2030. Ова е делот од евроинтеграциите кој практично ги „турка“ реформите дома, до целосна подготвеност на земјата за членство во Унијата.
Особено сум горд и задоволен што успешно се подготвивме и презентиравме и за области кои по прв пат се дел од преговарачкиот процес, како функционални демократски институции, реформа на јавната администрација и економските критериуми. Но, исто толку добри беа и презентациите за останатите поглавја од првиот кластер“, истакна вицепремиерот.
Изјава на премиерот Димитар Ковачевски на прес-конференција
18.1.2023 година во 10:30 часот
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски и заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ денеска одржаа прес-конференција за текот на скрининг процесот за ЕУ интеграции.
Скринингот е формална и техничка операција што ја врши Европската комисија, со цел да се подготват преговорите за членство и претставува аналитичка презентација на правото на ЕУ и состојбата во земјата кандидат во однос на него.
Во продолжение ви ја пренесуваме изјавата на премиерот Ковачевски во целина:
„Почитувани граѓани,
Почитувани медиуми,
Почитуван вицепремиер Маричиќ,
Почитуван државен советник во Секретаријатот за европски прашања, г. Драган Тилев,
Почитувани колеги од секторот за европски интеграции,
Пред три месеци, кога бев домаќин на делегацијата предводена од претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, ми беше драго што сум премиер на држава за која меѓународната заедница смета дека ја зацврсти демократијата, го зацврсти владеењето на правото, постигна напредок во реформата на правосудниот систем и развива цврста пазарна економија.
Претседателката фон дер Лајен гледа земја која треба да биде дел од големото европско семејство. И Извештајот на ЕК за напредок на земјата, прв после отворањето на преговорите, ни даде оценка дека земјата е со „добро ниво на подготвеност“ и тоа во околу 90% од областите каде сме оценети дека имаме делумна или добра подготвеност. Со ова сакам да упатам порака на оптимизам за посветена работа и продолжување на спроведувањето на структурните реформи во земјата. Тоа мора да го оствариме, бидејќи полноправното членство во Европската Унија ни е од стратешки интерес.
Скрининг процесот на земјата започна во септември минатата година, завршивме три кластери, а од ноември започнавме со потешкиот дел. Тоа е тој билатерален скрининг каде што ние пред експертите од Европската комисија, презентираме и објаснуваме до каде сме во усогласувањето со европското законодавство и како тоа функционира во пракса. Досега е завршен билатералниот скрининг за Кластерот 1, „Фундаментални вредности“, а следната недела започнуваме со билатералниот скрининг за Кластер 2, „Внатрешен пазар“. Досега имаме квалитетни презентации во сите поглавја, a коментарите од страна на Европската комисија за досегашните презентации се одлични. Добар процент на усогласеност имаме во правната рамка, во носењето на закони, но секако остануваат отворени прашањата на кои треба во следниот период да се посветиме, а тоа се реформата во јавната администрација, механизмите за владеење на правото и борба против корупцијата. Овие теми ќе бидат отворени во текот на целиот преговарачки процес и затоа очекувам секоја институција да е на ниво на задачата и одговорно да пристапи кон овој процес. Ова е историски процес кој секоја држава го поминува само еднаш. Нашето законодавство е хармонизирано со законодавството на ЕУ и тоа над 45%. Северна Македонија, според бенџмарк анализите, е понапредна во одредени поглавја, од земји кои 10-тина години преговараат со ЕУ. Тој висок степен на усогласеност со европската регулатива и стандарди, е видлив и препознаен и од ЕК, за што треба да се гордееме сите.
Владата што ја предводам е европски ориентирана и јас сум цврсто уверен дека тоа е добро, правилно и од корист за нашето општество како и за интересите на сите наши граѓани. Ниту едно политичко прашање, нема да го одвлече моето внимание, ниту вниманието на Владата од важните работи за европски напредок на Република Северна Македонија.
За мене и за Владата важно е тоа што им е важно и на граѓаните. На граѓаните им е важно да има нови квалитетни работни места, зајакната правна сигурност, спроведување и почитување на законите, ефикасна јавна администрација, транспарентни јавни набавки, континуирана, праведна, непристрасна борба против корупцијата, економски раст, социјална правда, стабилни работни места, европски плати, европско образование. На граѓаните им е потребен квалитетен живот, сигурност и стабилност. И овде нема ништо необично, ништо претерано, тоа се теми на дискусии на сите зрели европски општества со силни и ефикасни институции. Затоа е потребно да се забрза трансформацијата на општеството која ја носи процесот на преговори со ЕУ. Како држава имаме многу работа, ние сме на стартот од преговорите, но имаме добра основа и мотивација за да чекориме континуирано со едно солидно темпо кон завршувањето на овој државнички процес. Текот на скрининг процесот се одвива со предвиденото темпо и мораме да ја задржиме оваа динамика во текот на целиот процес на преговори со ЕУ. Како Влада покажавме силна политичка волја и искрена желба за напредок во евроинтеграциите. Имаме и јасно поставена цел, членство во големото европско семејство до 2030 година. Многумина велат дека тоа е многу амбициозна цел, но јас ќе речам не е и невозможна.
Јас и Владата што ја предводам имаме јасен план и поставена цел, а тоа е дополнителна движечка сила за побрз реформски процес. Затоа сега треба да се фокусираме во спроведување на реформската агенда, а граѓаните да почнат да ги чувствуваат придобивките од преговорите со ЕУ. Билатералниот скрининг ќе донесе поголем поттик за реформи во земјата. Тоа е важен дел од процесот и потврда дека Северна Македонија се движи во вистинската насока.
Јас сум свесен и за одговорностите и за предизвиците, но сето тоа го правам бидејќи верувам во Северна Македонија и ви должам токму вам. Темелни цели на моите, а со тоа и на владините политики се стабилен и постојан економски раст, нови инвестиции, квалитетни работни места, правна, социјална, здравствена, образовна сигурност.
Пратениците, се гласот на граѓаните во законодавниот дом. Постигнувањето на заедничките национални и општествени цели мора да го стават пред политичките и идеолошките разлики. Некои одлуки треба да ги донесеме поради сите граѓани на Северна Македонија, нивната иднина е пред сите политички и идеолошки разлики.
Без разлика на партиската припадност вие сте, пратениците, избраници од граѓаните, затоа мора да покажете конструктивност во име на граѓаните, мора да покажете единство за благосостојба на нашите граѓани и нашето општество.
Процесот на членство во ЕУ е сложен, но бара континуитет, силна волја, затоа да го направиме тоа, не поради Европската Унија, туку да го направиме поради нашите граѓани.
Северна Македонија има целосна поддршка од Европската комисија за забрзување на темпото на пристапните преговори. Имаме силна поддршка од европските институции, од државите членки, од високите европски претставници. Нивното присуство кај нас и оддавање почит на нашата земја и народ е јасна порака дека имаме пријатели и сојузници во ЕУ и дека Северна Македонија ја гледаат како идна земја членка на Унијата.
Сега се е во наши раце и подобриот живот на граѓаните, европската иднина на земјата, сето тоа зависи од сите нас. Да бидеме единствени за членство на Северна Македонија во ЕУ, да покажеме единство бидејќи тоа е влог во градење просперитетна иднина на граѓаните и на државата.
Ви благодарам“.