Груевски со позитивна оценка за форумот и средбите во Хонг Конг

Бизнис презентацијата на Македонија во Хонг Конг е прва од ваков тип и досега вакво нешто не направила ниту една наша владина или деловна делегација. Со неа денеска премиерот Никола Груевски и тимот што го придружува ја завршуваат посетата на Народна Република Кина.

Хонг Конг се наоѓа на второ место според вкупното рангирање на Светската банка во однос на леснотијата на водење бизнис и претставува еден од најголемите финансиски, индустриски и бизнис центри во светот чии инвестиции на компании кон надворешно економски проекти и субјекти изнесуваат 70 милијарди долари.

- Првите чекори направени овде, во Хонг Конг, се одлични и според нашите очекувања. Како што беше планирано, ги презентиравме предностите што Македонија ги има во однос на другите европски држави за водење бизнис, ниските трошоци, ниските даноци, конкурентните плати и се разбира тоа што сме на 22. позиција во светот и на 9. позиција во Европа според условите за правење бизнис. Најголемиот број од бизнисмените што ги сретнавме тоа воопшто не го знаат и беше одлична можност да им се објасни и да им се кажат предностите и деталите поврзани со таа работа, изјави Груевски по бизнис форумот.

Во текот на разговорите со стопанствениците станало збор и за степенот на едуцираност, расположливите образовани кадри во Македонија кои може да бидат дел од компаниите потенцијални инвеститори, како и за други аспекти кои Македонија ја прават една од најатрактивните дестинации за инвестиции во Европа. Тоа, како што нагласи премиерот, наишло на голем интерес.

- Дел од присутните на презентацијата кои покажаа поголем интерес, рекоа дека во иднина би дошле во Македонија да ја посетат, да ги разгледаат можностите и ова е прва ваква презентација што воопшто некогаш се направила од страна на Република Македонија во Хонг Конг. Никогаш претходно, никаква делегација, ниту бизнис, ниту политичка, немала никаков настап во Хонг Конг. Практично, ова се први чекори што се прават на овој пазар, подвлече премиерот.

Според него, се работи за многу интересен пазар, за место каде што иако најголем дел од населението се Кинези, сепак, има инвеститори и бизнисмени од цел свет, од Англија, САД, Германија, Јапонија, Австралија. 

- Така беше и на презентацијата. Имаше бизнисмени од различни нации, Кина, Индија, Европа,..., кои имаат свој бизнис тука, свои компании заради многуте даночни поволности на Хонг Конг и традицијата на една од најдобрите бизнис дестинации во Азија, рече претседателот на Владата.

Тој, пред поголема група претходно таргетирани компании со помош на хонгконшката Агенција, во обраќањето истакна дека Македонија е лидер во реформите во Југоисточна Европа. Странските инвеститори лоцирани кај нас имаат отворен пристап до пазарот од над 660 милиони потрошувачи во цела Европа, имаме макроекономско окружување кое ја поттикнува довербата на претприемачите, а даночното оптоварување е многу ниско според меѓународните стандарди.

Груевски се осврна и на поволностите во специјалните економски и развојни зони.

- Поради побарувачката од странските инвеститори, отвораме уште три нови развојни зони, кои ги нудат следниве предности: ослободување од персонален данок на доход и данок на добивка за првите десет години од работењето, даночно ослободување за реинвестираната добивка, ослободување од данокот на додадена вредност, царински давачки и акцизи на извозни стоки, како и ослободување од комунални и административни такси, субвенции за трошоци за градење или обука за усовршување на вработените, а земјиштето се дава под закуп под поволни услови за период до деведесет и девет години, каде се предвидени  бесплатно поврзување со гас, електрична енергија и други комунални услуги, изјави претседателот на Владата во обраќањето.

Како што информира, Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот потпишала Меморандум за соработка и поддршка со Агенцијата за инвестиции и Стопанската комора на Хонг Конг, документ кој обезбедува формална рамка за динамизирање на контактите, размена на искуства и заедничко учество во комерцијално-технички анализи за реализација на инвестициски проекти.

- Ги поканивме претставниците од Агенцијата да дојдат во Македонија со делегација бизнисмени. Рекоа дека ќе го сторат тоа, истакна Груевски.

Вицепремиерот Владимир Пешевски во својата презентација се осврна на проектите за реализација на инвестиции во туристичко-угостителските развојни зони и на енергетските проекти, како и на можноста за искористување на рудниот потенцијал, министерот Самак ги презентираше можностите за инвестиции во автомобилската, фармацевтската и прехранбената индустрија, додека директорот Фида се осврна на поддршката на државата во инвестицијата преку учество во изградбата на капацитетите и олеснетите процедури, за отворање фирма и градење објекти.

Пред одржувањето на бизнис форумот, премиерот Груевски оствари средба со Сајмон Галпин, главен извршен директор на Агенцијата за инвестиции и промоција на Хонг Конг, тело преку кое се воспоставуваат релации во врска со инвестициите и со чија улога и поддршка се реализираат дел од инвестициите на хонгконшките субјекти кон странство. Соговорниците ја истакнаа благовременоста и целисходноста на посетата на владината делегација на Хонг Конг и изразија уверување за натамошно интензивирање на соработката и контактите во функција на инвестиции во Република Македонија.

Галпин оцени дека македонската делегација го погодила тајмингот на посетата.

- Хонг Конг е меѓу првите неколку земји во светот по вредноста на реализирани инвестиции кон надворешни субјекти. Презентацијата на можностите пред нашите компании може да ги забрза воспоставувањето на контактите и разгледувањето на Македонија како потенцијална инвестиција за хонгконшки компании, нагласи директорот на Агенцијата за инвестиции и промоција на Хонг Конг.

Владината делегација денеска ќе ја посети и хонгконшката берза, а премиерот Груевски ќе се сретне и со Доналд Цанг, шеф на извршното тело на специјалниот административен регион Хонг Конг-Народна Република Кина.

Пред бизнис форумот во Хонг Конг, владината делегација предводена од премиерот Никола Груевски во рамки на посетата на Кина ги претстави деловните поволности во уште пет поголеми градови, вклучувајќи го и главниот, Пекинг.