Јанкулоска на Конференција на министри за внатрешни работи во Брдо, Словенија

Програмите за заштита на сведоци, ефективното решавање на мешаните миграциски текови и исполнувањето на условите од поглавјето 24 во рамки на процесот на евроинтеграција, се централните теми на кои денеска министрите за внатрешни работи од земјите во регионот дискутираат на Конференцијата на министри за внатрешни работи на земјите членки на ЕУ и земјите кандидати за членство во Унијата, во рамки на Брдо процесот, на која учествува и македонската министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска.

- Покрај донесената законска регулатива, Република Македонија има склучено договори со шест земји, како и еден мултилатерален договор со Република Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Бугарија и Молдавија, посветени на заштитата и подршката за сведоците во кривичната постапка. Конвенцијата за полициска соработка во Југоисточна Европа, односно членот 10, дава добра можност за продлабочување на соработката, односно посочува во која насока треба да се одвива соработката меѓу земјите потписнички. Освен тоа, создавањето на унифицирани правила и прописи ќе ја подобри целокупната соработка меѓу националните служби, а со тоа и ефикасноста на истите, рече во своето обраќање Јанкулоска.

Таа додаде дека врз основа на веќе воспоставената рамка, Република Македонија започна со ефективна примена на овие програми при што во периодот од формирањето на Одделението за заштита на сведоци, преземени се низа мерки за реализација на повеќе случаи во оваа област.

- Постапувано е во 10 случаи во делот на трговијата со луѓе, каде што 13 сведоци биле заштитени. Овие активности се спроведени со подршка на СЕКИ Центарот, а заштитените сведоци биле од Романија, Бугарија и Косово. По барање на Јавното обвинителство и судовите, Министерството има постапувано и во 10 случаи на организиран криминал, каде биле опфатени 25 сведоци, од кои за еден сведок е спроведена програма за релокација. Исто така, по барање на ЕУЛЕКС, постапувано е во шест случаи во кои беа вклучени 12 сведоци. Во наведените случаи, во текот на судската постапка, сведоците влезени во програмите за заштита, сведочеле со прикриен идентитет и со помош на видео-конференција, рече министерката за внатрешни работи.

Во рамки на сесијата посветена на ефективното решавање на миграциските текови, Јанкулоска истакна дека согласно последните извештаи кои доаѓаат од земјите на ЕУ/Шенген во 2012 година приливот на баратели на азил од Македонија е дополнително намален, што, како што рече, значи дека Република Македонија, во голема мера, успева да се справи со предизвиците на еден систематски начин и да биде во чекор со земјите од Западен Балкан и земјите членки на ЕУ во справувањето со мешаните миграции кои се резултат на актуелната глобализација.

Според неа, само во овој период, биле откриени 210 мигранти на територијата на Република Македонија, а во првите 4 месеци биле реализирани 13 кривични дела „криумчарење мигранти“, и притоа биле поднесени кривични пријави против 17 сторители. Сепак, Јанкулоска потенцираше дека како резултат на географската положба Македонија останува да биде транзит земја за илегална миграција.

Наголем дел од мигрантите, како што посочи, се граѓани од Албанија, Средниот Исток (Авганистан, Пакистан) и земјите од Северна Африка. - Токму овие факти укажуваат дека за ефективно решавање на овие прашања мора и во иднина состојбите да се следат будно, да се продлабочува регионалната соработка и соработката во рамки на Фронтекс, но и да се изнаоѓаат нови ефективни начини и форми за справување со овој проблем, рече Јанкулоска.

Во однос на дискусијата околу поглавјето 24, таа изрази увереност дека новиот пристап на ЕК проследен со отпочнатиот дијалог на високо ниво ќе значат нов моментум во реформскито процес во нашата држава и ќе ја зајакнат, како довербата во државата, така и нејзините европски перспективи. - Токму заради тоа, Владата на Република Македонија формираше посебно меѓуминистерско тело за координирање и следење на напредокот во релевантните области од овој процес.  На тој начин, паралелно со дијалогот на високо ниво се одвиваат и активностите на техничко/оперативно ниво, преку кои се преземаат потребните активности за усогласување на националното законодавство со ЕУ acquis, истакна Јанкулоска во обраќањето на Брдо процесот.