Груевски: Посетата на Кина успешна од политички и економски аспект

Петдневната посета на пет града во Кина, вклучувајќи го и Хонг Конг, беше доста успешна и од политички и од економски аспект, оцени премиерот Никола Груевски по неколкудневната посета на Кина каде заедно со владиниот тим ги презентираше можностите за инвестирање во Македонија.

Од политички аспект, како што нагласи Груевски, за само две недели е остварена втора средба со премиерот на Кина или трета во последните три години на која што се разговарало за политичките, но и за економските односи.   

- Би рекол дека сме прва земја што настапува во Кина, откако пред две и пол недели кинескиот премиер на средбата со премиерите на Централна и Источна Европа објави дека Кина ќе алоцира 10 милијарди долари за поддршка на кинеските компании за инвестирање во земјите од Источна Европа.  После тоа ние сме прва земја што доаѓа да се претстави пред кинеските власти коишто одлучуваат за распоредот на тие средства и пред бизнисмените кои треба да да побараат пари за да инвестираат во некоја од земјите во Источна Европа, рече Груевски.

Тој истакна дека можностите за инвестирање во Македонија биле презентирани пред околу 500 компании во сите пет града во Кина и оцени дека имало добар одѕив.

- Ова е прва ваква презентација на Македонија. Во минатото средбите и доаѓањето во Кина биле само од политички карактер. Ова е прво на ваков масовен начин доаѓање и презентирање на Македонија, би рекол и агресивен начин на претставување, со медиумска покриеност во речиси сите места каде што бевме, со интервјуа за локалните медиуми и со директни презентации пред инвеститорите и директни разговори со нив, нагласи Груевски, додавајќи дека научиле и нови работи важни за кинескиот пазар коишто во иднина ќе им користат во понатамошната комуникација.

И што е најважно, рече Груевски, настапивме пред кинеските власти и пред премиерот на Кина со конкретни проекти коишто веќе претходниот ден ги разговаравме со големите кинески компании така што директно им е дадено до знаење кои компании од Кина имаат интерес да искористат дел од овие 10 милијарди долари што се алоцирани за инвестиции во Источна Европа.

Нагласи дека со кинескиот премиер веќе е разговарано за неколку конкретни и крупни инвестиции и изрази надеж дека со една понатамошна комуникација на политички и економски план ќе успееме да привлечеме дел од кинеските инвестиции во Македонија.

-   Премиерот беше во присуство со неговите соработници, со заменик-министерот за трговија и заменик-министерот за надворешни работи и на некој начин даде инструкции да се работи и да се разгледаат и анализираат сите тие предлози што ги кажуваат кинеските компании така што се надеваме дека со една продолжена комуникација од наша страна, како на политички, така и на економски план, ќе успееме дел од тие инвестиции да ги привлечеме во Македонија, оцени премиерот Никола Груевски.

Македонската делегација предводена од премиерот Никола Груевски во изминатите неколку дена оствари низа средби на политичко ниво, а пред кинеските бизнисмени во Пекинг, Ченгду, Чингдао, Шангај и Хонг Конг ги претстави инвестициските можности кои ги нуди Република Македонија и поволностите за водење бизнис.

На средбата со кинескиот премиер Вен Џиабао беа потврдени добрите политички односи меѓу двете држави, а се разговараше и за подобрување на воспоставените економски односи. Во Хонг Конг премиерот Груевски се сретна и со Доналд Цанг, извршен шеф на Специјалниот административен регион на Хонг Конг.

Владината делегација оствари средби и со менаџментите на кинеските компании за информатичка технологија „Хајер“ и „Хуавеј“ и со претставници на државната кинеска компанија „Синохидро“, а во Хонг Конг ја посети и Хонгконшката берза која е петта по големина во светот, а по број на првообјавени емисии на акции на компании е на првото место.

Во рамки на посетата на Кина беше потпишан и Меморандум за разбирање меѓу Агенцијата за странски инвестиции и поттикнување на извозот и Кинескиот совет за промоција на меѓународната трговија и соработка.

Најголемиот кинески дистрибутер на вино, пак, најави дека ќе потпише договор со девет винарски визби од Македонија за извоз на македонското вино во Кина. Претседателот на кинеската дистрибутивна винска компанија која за потребите на Кина увезува вино од целиот свет на презентацијата и дегистацијата на вина во Ченгду изразил особено задоволство од квалитетот на македонските вина и покажал сериозен интерес за продлабочување на соработката со македонските компании.

Груевски во Кина беше придружуван од вицепремиерот задолжен за економски прашања Владимир Пешевски, министерот задолжен за привлекување странски инвестиции Веле Самак и директорот на Агенцијата за странски инвестиции и поттикнување на извозот Висар Фида.  

Односите меѓу Македонија и Кина се развиваат во духот на пријателство, меѓусебно разбирање и заемно почитување на суверенитетот, територијалниот интегритет и рамноправност на двете земји. Дипломатски односи двете земји воспоставија на 12 октомври 1993 година на ниво на амбасади. Владите на двете држави остваруваат соработка во областа на економијата, образованието, културата, земјоделството и техничката помош. Во трговската размена постои нагорен тренд, која во 2011 година бележи најголем обем во однос на изминатите три години и се должи на зголемениот извоз на Македонија.

Вкупната размена е 480 милиони американски долари, што е за 30 проценти поголем обем на размена во однос на 2010 година. Покрај потпишаниот Мемеорандум за реализација на енергетскиот проект „Вардарска долина“ и кинеското учество во енергетскиот проект на ХЕЦ „Козјак“, премиерот Вен Џиабао поведе иницијатива за потесна соработка на економски план помеѓу Кина и земјите од Источна и Југоисточна Европа за алоцирање 10 милијарди долари како поддршка и зајакнување на економската соработка со овие земји. Кина има значајна улога во светската економија како најголема земја извозник. Растот на кинеската економија во последните 30 години е резултат на големито раст на производството. Во 2010 година Кина се издигна како втора најголема економија во светот. Најголеми трговски партнери на Кина се ЕУ и САД, а обемот на трговската размена со ЕУ во 2011 година го надмина оној со САД. Според последниот петгодишен план усвоен во март 2011 година, основа на кинескиот економски раст треба да биде зголемувањето на домашната потрошувачка и континуирани економски реформи.

Посетата на македонскиот премиер Никола Груевски и владината делегација на Кина наиде на голем медиумски третман.

Премиерот Груевски даде интервју за најголемата и најгледана кинеска телевизија CCTV, која емитува вести на сите континенти и има повеќе од 70 меѓународни претставништва. На веб страницата на кинеската државна телевизија со ознака „есклузивно“ беше објавен дел од интервјуто.

Покрај интервјуто на CCTV, Груевски во Пекинг имаше и прес-конференција за најреномираните печатени и електронски медиуми.