Ковачевски: Нема да дозволиме неоправдано покачување на цените, се замрзнува цената на лебот, се укинува субвенционираната струја за прехранбената индустрија

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски и министерот за економија Крешник Бектеши денеска информираа за најновите одлуки на Владата кои беа донесени на денешната владина седница. Премиерот информираше дека Владата на седница донесе одлука со која се замрзнува цената на белиот и полубелиот леб, сечен на парчиња или цел на 33 денари. Односно, цена од 33 денари по леб со тежина од 450 грама и повеќе, а за леб со тежина под 450 грама, се утврдува цена во висина до 33 денари по леб, која ќе биде во сооднос со тежината на лебот. Владата донесе одлука со која производителите на основните прехранбени производи, ќе се снабдуваат со електрична енергија согласно Законот за енергетика и Правилата за снабдување со електрична енергија.

„Јас неоправдано покачување на цените нема да дозволам. Помина доволен период од донесувањето на последниот пакет антикризни мерки за цените да се усогласат, бидејќи помошта од државата беше навремена и реална. По извршените проверки од Државниот пазарен инспекторат, иако производителите на основните прехранбени производи добиваа субвенционирана електрична енергија, истите, цените на своите производи не ги намалија или ги намалија незначително. Ова се однесува на дел од производителите на основни прехранбени производи, додека дел ги намалија своите цени од 7% до 12%. Затоа на денешната седница на Влада оваа мерка ја укинавме“, рече премиерот Ковачевски.

Министерот Бектеши образложи на што се должи оваа одлука.

„Ако во октомври и ноември, цената на горивата како импут за цената на производството, ќе го земам дизелот кога беше 99,55 денари и ноември беше просекот беше 93 денари, денеска или во текот на јануари просечна цена е 87,88 денари и има најави за намалување. Природниот гас кој одредени големи производители го користат како енергенс за производство на леб, посебно за Скопје, во октомври бил 134,9 по мегават час, ноември 116,82 евра по мегават час, јануари 56,55 евра по мегават час, февруари бил 51,61 по мегават час. И сега секој може да ги направиме проценките, процентуално колку се намалени цените во делот на енергенсите. Во делот на субвенционираната електрична енергија, просечна цена според Хупекс (референтна берза) за октомври е 193,94 евра. За ноември 222,4 евра. За декември 261.15 евра. А сите добија повластена цена од 80 евра. Во јануари 148.69 евра, сите производители добија цена од 80 евра по мегават час. И февруари 145.99 евра, а сите производители добија цена од 80 евра по мегават час. Цените се без трошок за пренос и дистрибуција, што значи дека се минимум 20 отсто повисоки од графиконот. А сите производители добија цена од 80 евра по мегават час. Брашно во нашата држава во големопродажба, просечна цена октомври-ноември е 30 денари по килограм. Просечна цена јануари-февруари е 28 денари по килограм. Цената се движи од 26 до 28 денари.

Во однос на субвенционираната струја на електрична енергија, министерот кажа таа се укинува бидејќи компаниите кои што ја користеа немаат намалување на цените што беше главна цел на мерката.

Во 2022 година двата пакети владини антикризни мерки изнесуваа над 760 милиони евра. Според податоци на Светска банка, во регионот Северна Македонија издвои највисока буџетска поддршка, 5% од БДП за справување со кризата. Мерките Владата ги носеше за да обезбеди мирна и предвидлива есен и зима, за граѓаните и компаниите да знаат колкави ќе бидат нивните трошоци и како можат да функционираат, истакна премиерот.

„Антикризните мерки, во време на глобална криза, не ги донесовме за едни да бидат повласетни од други. Антикризните мерки не ги донесовме за едни да плаќаат, други да се богатат. Антикризните мерки не беа донесени со цел да удрат по џебот на граѓаните и да бидат на штета на граѓаните, а на бенефит на поединци. Дел од мерките насочени кон компаниите-производители на основните прехранбени производи беа со една единствена цел, субвенциите од државата да овозможат да се намалат цените на основните производи, за на тој начин да им се помогне на граѓаните. Значи крајната цел беше помош на граѓаните“, рече претседателот на Владата.

Ковачевски истакна дека поддршката за граѓаните и компаниите продолжува и во 2023 година. За годинава во Буџетот во посебна програма предвидени за справување со енергетска криза и за мерки за поддршка вкупно се предвидени 225 милиони евра.

„Јас сум човек кој спроведува реални политики и е одлучен, но сето тоа го темелам на сериозни и долги консултации со експертите, со претставници на работодавачи, на здруженија на пензионери, со претставници на Стопански комори...Почитувањето на овие мерки е показател каде одиме како општество. Владата не исклучува никого од помошта за справување со предизвиците, антикризни мерки ги носиме со цел сите да бидат опфатени. Така е, така и ќе биде во иднина“, истакна премиерот Ковачевски.