Економска презентација на Македонија на бизнис-форум во Рим

Владиниот економски тим предводен од премиерот Никола Груевски денешниот престој во Рим (четврток, 24 мај 2012 година) ќе го искористи и за средби со потенцијални италијански инвеститори на кои ќе ги презентираат економските и инвестициските потенцијали на Република Македонија.

Премиерот Груевски и владиниот тим ќе присуствуваат на работен ручек кој го приредува г-дин Гвидалберто Гвиди, претседател на реномираната италијанска компанија ДУКАТИ Енергија, а на кој ќе бидат присутни и неколку високи претставници на познати италијански компании од сферата на информатичките и комуникациските технологии, градежништвото и инфраструктурата, металопреработувачката индустрија, инвестициско банкарство и енергетиката.

Покрај овој настан, премиерот Груевски и владиниот тим попладнето ќе имаат економска презентација на Република Македонија пред повеќе италијански компании на бизнис форум што ќе се организира во соработка со Стопанската комора на Рим.