Честитка од премиерот Никола Груевски по повод Денот на македонската револуционерна борба, 23-ти Октомври

Од името на Владата на Република Македонија, и од мое лично име, сакам да Ви го честитам големиот државен празник, 23-ти Октомври - Денот на македонската револуционерна борба, ден кога е формирана Македонската револуционерна организација.

Празнувањето на овој ден, претставува вистински израз на почит кон големите дела на македонската историја и вечниот дострел на македонските револуционери од крајот на 19-тиот и почетокот на 20-тиот век, и почит кон еден идеал кој ги определил и понатамошните акции за извојување на слободата и правдата.  На 23-ти Октомври 1893 година, со формирањето на Македонска Револуционерна Организација, сета стремеж и надеж, сета енергија и целиот отпор на нашите предци, добил вистинска форма преку која успеала правилно да созрее и да го поведе народот во организирана борба за своите права. Денес кога ги славиме подвизите на храброст и саможртва на македонските револуционери, ја славиме и вечната инспирација за сите идни генерации кои се бореле за самостојна, независна и суверена држава, од првата и втората светска војна, преку распадот на поранешната држава и стекнувањето на независноста на Република Македонија, па се до денес кога се бориме за нови дострели, и за создавање на нови дела и вредности.

Таквите историски дострели не задолжуваат и нас денешните генерации, да се справиме со денешните предизвици, со поинакви средства, но со истите идеали за правда, достоинство и слобода, и за културен натпревар, подобар стандард и економски просперитет. Горди што имаме од кого да се инспирираме, кого да прославуваме и на кого да се поклониме за она што го имаме и живееме денес, сите заеднички да продолжиме да чекориме по патот на успехот, да ги продолжиме реформите и модернизацијата кои ќе ја унапредат нашата реалност и ќе обезбедат економски раст и развој, со сопствените потенцијали да ја развиваме културата и да го подобриме образованието, и да работиме за интеграција во меѓународните организации, во НАТО и Европската унија, се со цел изградба на силна, модерна и напредна Република Македонија.

Нека е вечен и вековит споменот за Македонските револуционери! Нека е честит големиот празник 23-ти Октомври!

 

Со почит,

 

Никола ГРУЕВСКИ