Министерот Бесими се сретна со студенти од Кралскиот колеџ за одбранбени студии од Лондон

Министерот за одбрана Фатмир Бесими денеска се сретна со група студенти од Кралскиот колеџ за одбранбени студии од Лондон, Обединетото Кралство, кои од 23 до 27 мај се во студиска посета на Македонија. 

Согласно целта на студиската посета, како што соопшти Министерството за одбрана, групата студенти преку сеопфатна презентација имале можност подетално да се запознаат со реформските текови во Министерството и во АРМ, со евроатлантските интегративни процеси, одбранбено-безбедносните политики, процесот на трансформација, како и контрибуцијата на припадниците на АРМ во меѓународните мировни мисии.

По презентацијата се дискутирало за прашања кои се поврзуваат со генералните карактеристики на државата, но и унапредувањето на интероперабилноста и подготвеноста за учество во меѓународни мисии, како и буџетските аспекти во планирањето на идните чекори во областа на одбраната.

Дел од агендата на групата студенти се и средбите со претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, министерот за економија, Ваљон Сарачини, како и со претставници од Воената академија, Центарот за управување со кризи, претставници од бизнис заедницата и од невладиниот сектор.

Кралскиот колеџ за одбранбени студии е сениорски колеџ во рамки на Академијата за одбрана на Обединетото Кралство, со основна цел – надградба на стратегиското образование на офицерите и цивилите кои ќе бидат дел од стратегиското ниво за креирање политики во владиниот сектор и интернационалната средина.