Министерот Тодоров го презентираше Правилникот за полагање испит за директори на ЈЗУ

Правилник со кој се дефинира Програмата за подготвување и полагање испит за директори на јавните здравствени установи изготви Министерството за здравство согласно новиот Закон за здравствена заштита. Испитот ќе треба да го полагаат сите кандидати за директори, како и сегашните директори на ЈЗУ. Правилникот е доставен до Секретаријатот за законодавство и е подготвен за потпишување и објавување во Службен весник по што истиот ќе стапи на сила.

Ова денеска на прес-конференција го истакна министерот за здравство Никола Тодоров, кој рече дека Правилникот ги опфаќа начинот и формата на полагање на испитот за директори, а значајна новина која дава посебен квалитет на новиот концепт за полагање испит за директор е литературата која ќе се користи при подготовка на истиот, која е составена од најдобрите книги од капиталниот проект на Владата „Превод на 1.000 стручни и научни книги и учебници“ од кои се учи на врвните универзитети во САД и Англија, а од областа на правото во Франција и Германија.

- Книгите се достапни во читалната „1.000 книги како библиотечен фонд“ лоцирана во Градскиот трговски центар во Скопје, универзитетските библиотеки во Скопје, Штип, Тетово и Битола, а дистрибуирани се и во сите библиотеки како и до соодветните факултети. Испитот се состои од посебна Програма која ја сочинуваат четири модули, рече Тодоров.

Првиот модул, посочи тој, е посветен на јавно здравје и здравствени информации каде се опфатени теми за јавно здравје и здравство, методите на епидемиологијата, преку објаснување на концептот на јавно здравје, неговото значење и важност, користејќи епидемиолошки пристап, логика на епидемиологијата и интерпретација на епидемиолошките податоците неопходни за планирање и развој на  здравствениот систем.

- Вториот модул го опфаќа сегментот на здравствена економија и економика во здравството. Третиот модул ги опфаќа најновите светски искуства од областа на здравствените системи и политики, а четвртиот се однесува на основи на менаџмент, деловна комуникација и управување со човечки ресурси, истакна Тодоров.

Критериуми кои треба да ги исполнува кандидатот за позицијата директор на некоја ЈЗУ, а врз основа на кои ќе биде рангиран се: просек за завршени академски универзитетски студии од прв циклус што ќе носи 15 бода, познавање на англиски јазик (се приложува потврда, а доколку кандидатот завршил студии во странство се доставува копија од дипломата која е еквивалент на потврда за познавање јазик) кој носи 15 бода, завршени академски универзитетски студии од втор циклус - 15 бода, завршени академски универзитетски студии од трет циклус - 25 бода, како и рангирање на универзитетот на кој кандидатот ги завршил своите додипломски, последипломски или докторски студии (најдобро рангираниот универзитет ќе носи 10 бода, а другите ќе носат помал број бодови, додека странските универзитети ќе носат 20 бода).

- Кандидатот кој успешно го положил испитот за директор пред доделување на уверението за положен испит ќе полага и испит од Програмата за едукација за јавни набавки на Бирото за јавни набавки. Верувам дека на овој начин ќе ги привлечеме најдобрите раководни кадри кои ќе придонесат за подобрување на функционирањето на раководењето со ЈЗУ, додаде Тодоров.