Спасовски: Градиме партнерство на доверба меѓу полицијата и заедницата за зголемена безбедност и подобар квалитет на живеење

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска на Градскиот плоштад во Куманово, во присуство на дел од раководството на МВР, претставници на Македонскиот полициски синдикат, Локалниот совет за превенција и пратеници ја промовираше заедничката кампања на МВР и МПС, „МВР за граѓаните - заедница, доверба, одговорност“, чија цел е доближување до граѓаните за суштината, вредностите и карактеристиките на концептот - полициско работење со заедницата, важноста на градењето партнерство помеѓу полицијата и граѓаните, но и механизмите за контрола врз полицијата што придонесуваат за зголемување на нејзиниот кредибилитет и интегритет.

Министерот во своето обраќање потенцираше дека полицијата како институција задолжена за безбедноста на граѓаните и општеството има една од најважните улоги во државата и заедницата.

„Таа го гарантира редот, мирот, безбедноста и владеењето на законите. Полицијата работи на сузбивање на криминалот и води бескромпромисна борба со сите криминогени појави во општеството, истовремено преземајќи и превентивни мерки за зголемување на сигурноста на граѓаните, го заштитува уставниот поредок и почитувањето на основните права и слободи за граѓаните и, секако, обезбедува граѓански услуги“, потенцираше Спасовски.

Спасовски истакна дека сите сериозни реформи и материјално технички унапредувања кои се реализираа последниве неколку години во МВР се со цел градење на полиција која ќе биде вистински сервис на граѓаните и работното мото под кое МВР функционира е „МВР за граѓаните“.

„Факт е дека граѓаните најдобро знаат со какви предизвици се соочуваат во заедницата во која живеат, а полицијата е секогаш првиот пријател во неволја. Оттука, заедничкото работење меѓу полицијата и локалното население е круцијално за идентификување на проблемите, поставување на приоритети и решавање на современите предизвици на локалната заедница поврзани со криминал, социјални и физички нарушувања. Притоа, активно соработуваме со единиците за локална самоуправа, посебно Локалните совети за превенција и советодавните групи на граѓани, што ќе овозможи заедничка одговорност при решавање на проблемите“, рече Спасовски, додавајќи дека ќе се продолжи со преземање мерки за континуирано етаблирање на видлива и приемчива полиција, која ќе има слух за грижите на граѓаните и ќе одговори на потребите на заедницата, ќе биде отчетна и транспарентна во своите активности.

Според министерот за внатрешни работи досегашните напори беа наградени со висока доверба од страна на граѓаните, драстично зголемена од порано, а според нивните оценки полицијата стана една од трите најтранспарентни институции во државата. Така, активната транспарентност на МВР од просечни 59.5% во 2016, во 2022 достигна високи 91.7%, што претставува скок за 32.2%, поминувајќи три нивоа, од крајно затворена институција до многу добра активна транспарентност.

„Затоа и решивме да ја спроведеме оваа кампања по сите сектори за внатрешни работи во државата, и на овој начин уште повеќе да ја доближиме полицијата до граѓаните, преку концептот ‘Полицијата и граѓаните’, а планската соработка придонесува за спречување на криминалот, при што резултатот е зголемена безбедност и подобар квалитет на живеење, нешто што сите заеднички го посакуваме“, порача министерот Спасовски.

Претседателот на Македонскиот полициски синдикат, Марјан Кицев во своето обраќање истака дека граѓаните најдобро ги знаат проблемите и предизвиците со кои се соочуваат секојдневно во средините каде што живеат.

„Полицајците се нашите херои кои секојдневно покажувате на дело како се сака државата и како се извршува службата што им е доверена. Исправени гордо на браникот на нашата држава ја манифестираат нивната човечност и саможртва, оставајќи пример за идните генерации, пример за тоа како се сака и почитува својата татковина во време на бројни предизвици со кои секојдневно се соочуваат како во минатото така и денес“, рече Марјан Кицев, додавајќи дека многу е важна довербата и почитта што ја имат граѓаните кон полицијата, затоа што без доверба нема комуникација, без двонасочна соработка, полицијата нема да може целосно да ги препознае и лоцира реалните проблеми на граѓаните.

„Да се водиме од светските практики каде граѓаните имаат беспрекорна комуникација со полицијата и ги информираат за секое негативно поведение кое ќе го забележат во околината. Бидејќи ако денес провалникот е кај комшијата, сте го виделе, а сте премолчиле, со што истиот ќе ја избегне правдата, утре охрабрен може да дојде кај вас, во вашиот дом. Затоа заеднички да градиме доверба и почит, бидејќи полиција сме сите ние, само заеднички можеме да придонесеме за посигурна и побезбедна средина во која што живееме“, порача претседателот на Македонскиот полициски синдикат.

Кампањата „МВР за граѓаните - заедница, доверба, одговорност“ почнува денеска во осум градови на Секторите за внатрешни работи и ќе продолжи во следните четири викенди низ поголем дел од градовите во државата, при што полицијата преку делење едукативен материјал и непосредни разговори со граѓаните од страна на полициски службеници ќе биде одблиску презентирана улогата на полицијата во заедницата.